Учениците од “Наце Буѓони“ го одбележаа Денот на здравјето
Светскиот ден на здравјето - 7 април, денеска со повеќе активности го одбележаа учениците од Техничкото училиште “Наце Буѓони“.
Учениците од здравствената струка, односно медицинските сестри ги повикуваат граѓаните од Општина Куманово да се приклучат на одбележување на Светскиот ден на здравјето, да дојдат на атлетската патека при “Наце Буѓони“ каде ќе се мери гликемија и крвен притисок. Секоја година овој ден се одбележува на ист начин - рече Ленче Ѓоршевска Анѓеловиќ, професор по практична настава.
Повозрасните граѓани ја искористија можноста бесплатно да измерат притисок и шеќер во крвта.
Имаше доста заинтересирани граѓани на нашата акција. Само за првите десетина минути се пријавија скоро десет луѓе. Повеќе се постарите луѓе, млади поретко. Поголем интерес има за мерење на притисок, отколку шеќер во крвта - изјави Наталија Стојчевска, ученичка во четврта година.
Во Соколански парк учениците направија анкети со граѓаните, други изведуваа вежби за загревање, а потоа заедно пешачеа до Градскиот кеј.