Мени

Учениците утре ќе садат рози

20.03.2014 14:24 | KumanovoNews

По повод 21 март - Денот на пролетта, утре основците во повеќето училишта ќе садат рози и други видови цвеќе во училишните паркови.

Учениците утре ќе садат рози

Со тоа ќе се приклучуваат кон акцијата на Министерството за животна средина “Македонија земја на цвеќето - земја на розите“ со што ќе придонесат кон почиста околина.

Ние таа акција ќе ја реализираме во нашето училиште. Набавивме повеќе видови на цвеќе меѓу кои и рози. Ќе бидат засадени во дворот 15 садници и многу темјанушки - вели Драгиша Цветковиќ, директор на ОУ“Кочо Рацин“.

Од основното училиште “Христијан Карпош“ обезбедиле 20 рози и се подготвува теренот за нивно засадување.

Розите се подготвени, но треба да се донесе соодветна земја за засадување на цвеќето. Имаме и грмушести садници од ЈП “Чистота и зеленило“ и во иднина ќе бидат засадени два дрвореди покрај спорската сала, еден  листопаден и еден зимзелен. Учениците ќе го чистат дворот и училниците - вели Лидија Костиќ, директорка на “Христијан Карпош“.

Од “Вук Караџиќ“ рекоа дека ќе постават продажни штандови каде ќе се продаваат изработки од деца, ќе се чисти училиштето и ќе се средуваат жардињерите во зградата.

И во ОУ “11 Октомври“ денеска се подготвуваше почвата за да можат утре учениците да засадат цвеќе.