Мени

Учениците во Умин Дол користат полско веце

24.10.2013 09:35 | KumanovoNews

Учениците и наставниците од основното училиште „Карпош“ во селото Умин Дол  користат полско веце.

Учениците во Умин Дол користат полско веце

Наместо во тоалети, по дожд и по снег, стотина деца и дваесетина вработени вршат нужда во едно веце, кое е оддалечено триесетина метри од училиштата зграда. Во клозетот нема чешма, а до него води тесна ископана патека кој е асфалтирана пред 30 години.

Директорот на училиштето Владимир Јовановиќ објаснува дека со години наназад од надлежните институции  бараат изградба на тоалет, но засега безуспешно.

Еден од приоритетите ни е изградба на современ санитарен јазол во состав на училишната зграда, што е дел и од годишната програма за развој. Сепак поради ограничените финансиски можности, како и поради инфраструктурните проблеми на овој регион, нема водоводна и канализациона мрежа, овој проблем не е решен. Ние сме едно од ретките централни училишта во кумановско што нема тоалети.-вели Јовановиќ.

Директорот објаснува дека покрај со полското веце имаат проблем  и со водоснабдувањето, бидејќи единствен извор на вода е училишниот бунар, на кој имаат поставено хидрофор и изведена чешма во дворот за потребите на учениците и вработените. Тој се плаши дека ќе останат без вода, бидејќи нивото на водата во бунарот постојано опаѓа.

Во училиштето настава посетуваат 98 ученици од прво до осмо одделение од селата Умин Дол, Ново Село и Љубодраг и е едно од поголемите селски училишта.

 На последната седница на Совет, советникот Бобан Јакимовиќ од ДПСМ праша кога ова училиште ќе добие модерен тоалет.

Градоначалникот Зоран Дамајновски одговори дека засега локалната самоуправа не е во финансиска можност да инвестира.

Како што ви е познато во моментов немаме пари и сме во големи финансиски проблеми. Овој проблем ќе го решиме кога ќе се создадат услови. Ако има можност за донација јас се согласувам да се интервенира и самите ќе помогнеме колку што можеме  - изјави градоначалникот.

И подрачните училишта на ОУ “Кочо Рацин“ во селата Скачковце, Габреш, Кучкарево, Градиште имаат само полски вецеа стари колку што се стари и самите училишни згради. Директорот Драгиша Цветковиќ вели дека праќале дописи до ресорното министерство, но промени на подобро нема.