Мени

Училиштата го одбележуваат Денот на пролетта

21.03.2013 10:32 | KumanovoNews

 Училиштата денеска со чистење на училниците, дворовите, со засадување на дрвца, со еко приредби го одбележуваат Денот на пролетта и Ден на екологијата.

Училиштата го одбележуваат Денот на пролетта

По повод денешниот ден се чистат просториите, дворот, салата на училиштето. Имаме натпревар во кошарка, а во 11 часот почнува натпревар по математика Кенгур кој се оддржува во сите училишта. Од претходните години секое одделение си има засадено дрвца во дворот и за нив сами се грижат. Вчера имавме приредба за Денот на пролетта - вели Драгиша Цветковиќ, директор на ОУ“Кочо Рацин“.

Во подрачното училиште “11 Октомври“ во село Речица утрово учениците направиле еко акција за чистење на дворот.

Ги собравме сите отпадоци од дворот. Децата рецитираа еко песни, односно еко пораки. Го украсивме дворот со некои цвеќиња, засадивме неколку дрвца и така го одбележавме празникот - објаснува Марина Саздовска, одделенски наставник во ОУ “11 Октомври“ во Речица.

И учениците велат дека како и секоја година на овој ден немаат настава, туку се посветуваат на еколошки активности и на подигање на свеста за здрава животна средина.

 Ги чистевме училниците, напишавме песни. Ние сме повеќе девојчиња во одделението и секако дека тие повеќе труд вложија. Секоја година е исто - Цетанка Вељковска, ученичка во седмо одделение во ОУ“11 Октомври“.