Училиштето “Христијан Карпош“ организираше еко - ден
Во ОУ “Христијан Карпош“ во Младо Нагоричане се оддржа еко манифестација на која учениците презентираа храна, природни чаеви, природни средства за нега на женската убавина и друго.
Во рамки на “Еко - ден 2013“ беа поставени штандови со бижутерија и украси од природни материјали, а учениците и наставниците подготвија еко пораки, готвач со рецепти за здрава храна, пакувања со чаеви собрани од непосредната околина, брошури за природна нега за лице и коса, брошури со препораки и совети за уредување на градина од природни материјали и материјали што не се рециклираат.
При работата ги користевме еко стандардите и прирачниците кои се дел од Програмата "Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем", од кои црпевме идеи за заштеда на природните ресурси и подобрување на условите за престој и учење во училиштето. При реализација на активностите, активно беа вклучени сите ученици, наставници, стручните соработници и другите вработени во училиштето, како и родителите, а денеска резултатите од тој труд ги промовираме пред вас - изјави директорката Виолета Станковска.
Наставниот кадар и учениците најмногу внимание обрнаа на заштеда на енергија, вода, одржување на зградата и здрава средина во училиштето, уреден и еколошки двор, чиста внатрешна средина, отпад, транспорт, здравје и слично. Годинава училиштето реализираше неколку кампањи на наведените теми.
Во ОУ„Христијан Карпош“ во с.Младо Нагоричане една година се спроведуваат еко активности со цел младите генерации да научат како да се грижат за животната средина.