Мени

Училиштето во Клечовце со најмалку ученици

01.02.2013 09:31 | KumanovoNews

 Во кумановските села постојано опаѓа бројот на ученици. Најмал број само 64 ученици има ОУ “Вера Которка“ од село Клечовце, кое спаѓа под Општината Куманово.

Училиштето во Клечовце со најмалку ученици

Надлежните од училиштето велат дека секоја година во ова училиште има се помал број ученици, иако тука се образуваат и децата од Војник, Стрезовце, Довезенце, Јачинце. Директорот Тоде Михајловски вели дека функционираат со комбинирани паралелки така што во една училница учат две одделенија.

Знаеме децата колку се љубопитни и не е исто кога има едно одделение, кога се предава една тема, и кога се две па училителката мора да предаде две теми. Квалитетот на наставата не е ист. Во селата има миграција, и затоа бројот на ученици се намалува последниве неколку години. Ако пред три години имаше запишано 14 првачиња, сега има само 3. Работат три учителки и предметни наставници кои заради полн фонд на часови посетуваат и други школи. Ова е единствено училиште во овој крај. Тоа го оддржува населението и дефинитивно треба да опстане. Ако нема училиште, крајот ќе се запусти - изјави Михајловски.

Тој додава дека училиштето е реновирано, покривот е поправен,  и за разлика од порано имаат многу подобри услови. За разлика од ОУ “Вера Которка“ кое има најмалку ученици, во Куманово најголем број ученици имаат ОУ “Браќа Миладиновци“ и ОУ“Крсте Мисирков“. Во овие две училишта се школуваат над 3000 ученици. Зад нив е “Христијан Карпош“ од населбата Перо Чичо кое има 1400 ученика.