Училиштето во Орашац ќе добие игралиште
Отпочнуваат работите за изградба на спортско игралиште во дворот на ОУ “Кочо Рацин“ во село Орашац.
Игралиштето е со површина од 1000 метриквадратни, а ќе се користи за мали спортови реквизити за мал фудбал, ракомет и кошарка. Жителите и спортистите од селото конечно ќе добијат современ спортски терен.
Овој проект беше ставен во програма за 2012 година. Распишавме тендер, изработивме проектна документација и процедурата ја завршивме пред три - четири месеци. Се надевам дека ова нема да се смета за политички маркетинг во предвечерието на изборите, бидејќи судбината на локалните избори сеуште не е позната. Ова е тековна процедура на сектор за образование, спорт и култура и пред се на локалната самоуправа. Овој објект отпочнува со изградба и ќе се изгради за 20 дена, најмногу месец зависи од временски услови пред се за асфалтирање и поставување на спортската опрема. - изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.
Ова игралиште е од голема важност за училиштето “Кочо Рацин“ во кое учат 50 деца од прво до осмо одделение.
Овој терен ќе претставува задоволство за изведување на часот по физичко воспитување. Знаеме дека физичко и здравствено образование зазема широко место во наставната програма. Ова е од голема вредност за самиот крај, за месното население. Се надевам дека нема да застане тука, дека ќе има други проекти со кои ќе заживее ова место. Самото игралиште ќе придонесе за настава во природа. Веќе разговарав со раководителот на секторот и градоначалникот да се реконструира училиштето - вели директорот Драгиша Цветковиќ.
Мештаните објаснуваат дека младите ќе спортуваат и правилно ќе го насочат својот развој.
Ова е убава глетка. За месец ипол се случија неколку убави работи во селото, еден христијански празник се славеше. Ова е убаво и целото месно население ќе биде задоволно и од околните села. Нашето училиште има голема зграда, а миграцијата си го направи своето. Во последниве години нема толку миграција - рече Крсте Милошевски, жител на Орашац.
Тој вели дека селото има 352 житела, се наоѓа на 12 км од Куманово, и кога би се изградила и канализациона мрежа би имало добри услови за живот.