Улиците во градот проодни
По интензивните врнежи на снег на улиците во градот нема поголеми проблеми. Од Општина Куманово информираат дека градските сообраќајници редовно се чистат, а веќе се фрлени 43 тони сол.
- Екипите излегоа на терен пред 7 часот и сите улици од прв и втор приоритет се проодни. Досега во источна зона на градот се фрлени 25 тони сол, а на западната 18 тони сол. Немаме поплаки од граѓаните дека некаде има проблеми со снегот. Иста е состојбата и со локалните патишта, бидејќи се работи за мали наноси на снег. Доколку паѓањето на снегот се интензивира ќе се вклучи и тешката механизација во негово расчистување.-изјави Момчило Јовановски, помошник раководител во секторот за урбанизам во Општина Куманово.
За комплетно да се исчистат улиците од снег во една зона потребни се два часа и две екипи да се ангажираат истовремено.
Фирмите кои се задолжени за зимско одржување на улиците располагаат со четири соларки по шест кубика, две по два кубика и тешка механизација, грејдер и булдожер.