Успешна крводарителска акција на Кокино
Над 50 единици крв беа собрани на крводарителската акција, која вчера ја организираше здружението “Коледари“ кај опсерваторијата Кокино.
Во несекојдневната акција за дарување на крв во природа се вклучија голем број на граѓани и членови на здружението.
Со оваа крводарителска акција сакавме да го промовираме Кокино. Народот што повеќе да го поттикнеме да излезе од урбана средина, да биде хуман. На есен планираме уште една ваква акција со многу повеќе спонзори, многу помасовна - рече Виктор Георгиевски, сопственик на кафеана “К“смет“ која е покровител на акцијата.
Георгиевски даруваше крв, а меѓу крводарителите беше и Чедо Макрешански кој тоа го стори по стоти пат. Тој годишно четири пати дарува крв, а бидејќи се чувствува добро и во иднина ќе продолжи со истото темпо.
Јас сум редовен крводарител. Акциите ги посетувам редовно, а ако не сум во можност, ако некоја прескокнам давам крв во одделението на трансфузија. Ова го правам од хуман аспект, знаеме дека како крводарители немаме некои привилегии. Почнав да давам крв и се навикнав. Сметам дека за здравјето на човекот е добро да се дава крв, а плус секогаш крв му е потребна на некој човек, некаде спасуваме живот. Ние со Зоран Димковски уште од лани замисливме да ја направиме оваа акција во природа во чест на моето стото дарување, да излезат луѓето на викенд - објаснува Макрешански.

Киро Соларски, секретар во здружението “Коледари“ е задоволен што ги мотивирале луѓето да излезат со своите деца и внуци да дојдат во природа во толку голем број.
Трансфузиологот Лилјана Славковска вели дека акцијата е успешна, а крв дарувале крводарители од различни возрасни групи.
Крводарителската акција е направена со поддршка на повеќе кумановски фирми.