Уште една успешна акција за вдомување на кучиња
На градскиот плоштад денеска се реализираше втора акција за згрижување на бездомни кучиња под мотото "Не купувај-вдоми!„, во организација на волонтерите од Центарот за рурален развој "Проевце" и ветеринарно-сточарскиот центар "Тодор Велков".
"Заинтересираните граѓани одбираат кученце кое им се допаѓа, а сите се веќе вакцинирани. Од ветеринарниот центар добиваат ваучер со кој и наредната вакцинација е бесплатна"-вели ветеринарот Димитар Венев од ветеринарно-сточарскиот центар "Тодор Велков".
Центарот е задолжен за заловување на кучињата скитници и нивна понатамошна грижа која вклучува вакцинација и кастрација.
"За денеска имаме соберено 15 кучиња, од кои шест беа земени директно во ветеринарната станица, а останатите ги чекаат своите посвојувачи. Мината акција беше многу посетена, а се надеваме дека и денеска ќе биде така. Се додека има интерес ќе ги организираме акциите "- вели Александра Давидовска од Центарот за рурален развој.
Најмногу заинтересирани за посвојуавење на кучиња беа децата.