Мени

Уште ги слушам аплаузите за Земјо моја

07.09.2011 11:16 | KumanovoNews

"Колку векови во темнина си била, колку темни сказни знаеш, земјо мила, колку страдања на рамена си збрала, колку жртви ти за слобода си дала..." се дел од стиховите на песната "Земјо моја", која во 1977 година на Скопскиот фестивал ја испеа кумановецот Никола Давидовски - Коле (61), а на годинешнава централна прослава по повод 20 години од независноста на плоштадот Македонија во Скопје ќе ја пее Каролина Гочева.

Уште ги слушам аплаузите за Земјо моја

Изведувачот на големиот хит со гордост се потсетува на времето кога, пред 34 години, ја испеал композицијата на Јане Коџобашија и уште веднаш почувствувал дека неговиот хит долго ќе живее. За време на конфликтот во 2001 година, песната по трипати на ден се вртеше на програмата на МРТВ. До ден-денеска никој не ја препеал, а многу од македонските музичари ја сметаат за најубава патриотска песна испеана со антологискиот глас на Давидовски.

Само што ја почнав песната на Фестивалот, уште на првите неколку стиха добив бурен аплауз, а кога го испеав првиот рефрен, публиката веќе беше на нозе и аплаудираше - се сеќава Давидовски, кој вели дека по Фестивалот неговата популарност драстично пораснала, па покани за снимање доаѓале од сите страни на поранешна СФРЈ.

Луѓето ја сакаа песната, бидејќи во себе содржи силна порака за македонскиот народ. Пеев во Јајце, на големите концерти на тогашната ЈНА во Белград, во Титоград и во други градови, а кога дојде Тито во Скопје, целиот град ечеше со „Земјо моја“. Убаво е тоа чувство кога ќе слушнете дека народот во хор ја пее вашата песна - раскажува Коле.

Од осамостојувањето на државата „Земјо моја“ продолжила да живее, но Давидовски е заборавен. Него ретко го викаат да настапува на културните манифестации, а спотовите каде што тој на млади години пеел, заменети се со нови, со предели и убавините на Македонија. За последните 20 години пеел само неколкупати. Не е поканет ниту на централната прослава на 20-годишнината од независноста во Скопје.

Давидовски има снимено 35 песни, и вели дека музиката е составен дел од неговиот живот. Првите настапи ги имал во КУД „Илинден“ Куманово, а кариерата ја започнал во ЈНА, па продолжил по враќањето дома. Најмногу пеел италијански песни, за кои секогаш бил враќан по неколку пати на бис. Ја претставувал Македонија на Опатискиот фестивал во 1978 година.

Во 1994 година, кога останал без работа, сакал да ја продолжи пејачката кариера, но му барале по 2.000 германски марки за една песна. Тоа било прескапо за него, и затоа престанал да се занимава со пеење и се посветил на семејството и работата во неговата викендичка. Во меѓувреме за своја душа пишува патриотски песни и прави театарска музика. Настапува во театри во земјава и странство, на Струшките вечети на поезијата, а пред неколку години пеел на фестивалот Гоце-фест на свој текст. Додека чека пензија, со сопругата Жане, двете ќерки и со внуците, кои се музикални како него, пее за своја душа и пред позната публика на семејните дружења.