Велигден се ближи, јајцата поскапеа
На Зелениот пазар во Куманово табла јајца се продава по цена од 180 до 220 денари.
Во пресрет на Велигденските празници се зголеми цената на јајцата. На Зелениот пазар во Куманово табла јајца се продава по цена од 180 до 220 денари. Граѓаните се жалат дека овие цени се високи за нашиот стандард, но велат јајца мораат да купат за празникот.
Ние сме пет члена и ќе вапцаме 100 јајца. Тоа е доволно за нас, да поделиме на роднините и ни остануваат. Храната е многу скапа. Секој месец цената на храната се зголемува, поготово на месото. Иако јас не морам да купувам - вели Винка Шиљковска од Куманово.
Трговците и производители на јајца објаснуваат дека ова покачување е минимално, но ако цените драстично се зголемат, продажбата ќе се намали.
Храната се зголеми за 60 отсто, а јајцата пред некоја година беа 150 денари табла, сега се 180 најефтини. Продажбата е помала од лани. Нема народот пари - рече продавачот Селим Фетаи.
Другите производители велат дека граѓаните јајца за Велигден купуваат во последните неколку дена пред празникот.
Купувачите се жалат на цените како и обично. Покачувањето не е заради Велигден, туку заради скапата храна. Граѓаните обично купуваат по две табли - додава Оливера Маринковска, производител и трговец.
Лидија Димковска објаснува дека производителите имаат големи трошоци, секоја година инвестираат во подмладок на фармите и затоа цената на јацата е повисока.
Јас си водам статистика и можам да кажам дека секоја наредна година се помалку се купува. Пред Прочка ги намаливме цените, сега ги вративме по старо. Нема паркинг пред пазар и затоа купувачите доаѓаат на брзина или купуваат од друго место. Кога тоа ќе се реши, продажбата ќе тргне. Подобро е јајцата да се купат неколку дена пред Велигден, за јајцето да се зацрсти и убаво да се лупи - вели Димковска.
Во месарниците килограм јагнешко месо се продава за 299 денари, а килограм свинско чини 295 денари.
Дел од месарниците имаат акција и нудат попусти за муштериите додека траат Велигденските и Првомајските празници.