Високи приноси на јачмен во кумановско
Во кумановско просечните приноси на јачмен по хектар се 4,5 тони што покажува дека реколтата годинава е побогата од лани.
Приносите се добри поради поволните временски услови.
- Во Режановце, Пчиња, Степанце, Коинце, Шупли Камен и Новосељане приносите се 4,5 тони по хектар, а во Бељаковце се 4 тони. 90 отсто од жетвата на јачмен е завршена во кумановската околина, а во тек е жетвата на пченица - вели Стојко Ивановски, секретар во Здружение на земјоделски производители Куманово.
За разлика од јачменот, пченицата оваа година е со послаб квалитет поради дождовите.
- На одредени површини кај пченицата се јавуваат и последици од болести, штетници и плевели, така што на некои површини се јавуваат слаби приноси на пченицата со лош квалитет на зрното - информира Насер Даути од подрачната единица на Министерството за земјоделство.
Во кумановско со јачмен беа засеани вкупно 8.713 хектари.