Во дежурната амбуланта гужви за викенд и празници
Дежурната амбуланта на Здравствениот дом Куманово, која е сместена во Брза помош, има трипати повеќе пациенти за викендите и празниците, отколку во работните денови.
Двајца лекари и 6 медицински сестри во две смени, кои траат 16 часа, примаат и до 500 пациенти за прегледи и инјекции. Гужвите особено се изразени од почетокот на годината поради големиот број на празници, а и појавата на вируси и други болести.
Во смена за 8 часа имаме над 80 прегледи и околу 150 боцкања. Тоа е премногу напорно за еден лекар и за медицинските сестри, бидејќи не може да се посвети доволно време на пациентот. Испаѓа дека имаме по 5 минути за секој пациент, без да правиме пауза. За тоа време пациентот не може ни да се соблече и да ги каже здравствените проблеми, а не да го прегледаме колку што треба и да му дадеме терапија.Пациентите многу често се нестрпливи и не сакаат долго да чекаат, сметаат дека се итни случаи и сакаат да влезат преку ред. Секој ден има расправии и инциденти пред врата што дополнително ја отежнува нашата работа- велат лекарите.
Во дежурната амбуланта нема ни адекватни услови за работа, а опслужува 160 000 граѓани од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.Болните ги прегледуваат зад паравани, додека во исто време во просторијата други пациенти чекаат ред и им стојат над глава на лекарите. Минатата недела пациент се обидел физички да се пресмета со лекар затоа што барал од него да излезе надвор додека прегледува друг болен.
Пациентите бараат матичните лекари да работат за викендите или да се отворат повеќе дежурни амбуланти.
На едно место чекаат стари и деца, болни од грип и хронично болни. Повеќе ќе се разболиш додека дојдеш на ред. Овие лекари ни помагаат во моментот, ама не се матични да ги знаат сите наши здравствени проблеми. Упатите за специјалисти што овде ни ги даваат не ни важат. Мора да платиме 1100 денари за да не прегладаат на одделение, а наредниот ден да однесеме упат од матичен. Јас утре треба да земам слободен ден од работа за носам упат од матичен на детското одделение, и да ми ги вратат парите што денеска ги дадов. Матичните лекари работат само 8 часа во текот на денот, а ние што да правиме во другото време? - прашува еден револтиран родител.
Решение од ваквата состојба од Здравствениот дом ја гледаат во организирање на дежурства од матичните лекари или вработување на повеќе лекари кои ќе ги опслужуваат граѓаните.
Према согледувањата што ги направивме, поради недостаток на кадар кај нас, најдобро за пациентите ќе биде матичните лекари да прифатат да огранизираат дежурства, барем во сабота. Ако не сакаат во нивните ординации, ние ќе им ја остапиме нашата дежурна амбуланта. Тие се 90 матични лекари и ќе им дојде еднаш во три-четири месеци да дежураат. Ваквото барање ќе го доставиме до Министреството, бидејќи во Скопје така се организирани матичните, токму од овие причини што ние ги имаме, преголем број на пациенти за викендите и празниците - вели Миомир Панковски, директорот на Здравствениот дом Куманово.