Мени

Во Куманово повеќе има неписмени жени од мажи

31.01.2013 14:49 | KumanovoNews

 Во Куманово има вкупно 3859 неписмени граѓани, според податоците на заводот на статистика од последниот попис спроведен во 2002 година.

Во Куманово повеќе има неписмени жени од мажи

Од нив 2950 се жени, најмногу на возраст над 60 години, а додека меѓу машката популација има 909  неписмени, претежно помалади од 20 до 24 години. Социологот Светлана Алексовска Илиевска објаснува дека оваа бројка сепак е голема за град како Куманово и институциите треба повеќе да вложат за да се искорени неписменоста.

 Правото на образование е основно право не само за поединецот, туку и за семејството и заедницата. Образованите граѓани се богатство на општеството, носители на стопанскиот развој. Таа бројка од скоро 4000 неписмени граѓани е голема. Треба и невладините организации и државата повеќе да посветат внимание на едукацијата. Јас 14 години работев во Работнички универзитет, тоа е неформална едукација каде доаѓаа луѓе со низок степен на образование за да добијат квалификации, да имаат занимање, да си обезбедат егзистенција. За разлика од порано напредок сигурно има , но не е доволно. На луѓето треба да им се даде шанса да стекнат основен степен на образование - вели Алексовска Илиевска.

Таа смета дека во време кога се зборува за степенот на информатичка писменост, не би требало да има население кое не знае да чита, пишува и затоа има ограничен пристап до информации.