Во Македонија нема жени градоначалници
Жените во земјава многу тешко доаѓаат до градоначалничка фотелја, а во советите на општините третина од советниците се жени, што е во согласност со законот.
Од Македонското женско лоби синоќа оддржаа работилница во Куманово на која беше кажано дека жените кои се на раководни позиции во партиите треба да лобираат за што повеќе жени да има на кандидатските листи. Тие се надеваат дека по локалните избори во март ќе има барем една жена градоначалник.
Целта е да се зголеми бројот на жени учеснички за локалните избори, жени советнички и потенцијални кандидатки за градоначалник. Како што знаеме досега се кандидирани само три жени за овие избори. Имаме една кандидатка за Тетово, една во Кавадарци и за Карпош. На претходните локални избори во 2005 година имавме три жени кандидатки, а во 2009 година паднавме на нула. Се надеваме дека оваа година барем една жена ќе биде избрана. Рамноправност има и согласно Изборниот законик на секое трето место на кандидатските листи треба да биде застапен кандидат жена. Фактичката состојба е дека ги ставаат на места каде што се знае дека нема да добијат. Буквално во градови, општини каде што се знаеше дека нема да победат, Струмица, Битола, колку што се сеќавам. За советнички листи ги ставаат на трето, шесто, девето, дванаесето место, тоа е како некое правило. Првата позиција секогаш е за маж резервирана - вели Даниела Антоновска, проект координатор во Македонско женско лоби.
Советот на Општина Куманово ги исполнува критериумите и има доволен број на жени советнички. На работилницата имаше жени од невладината “Сирма“, од ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ, НСДП, вработени во основни, средни училишта и други. Планирано е 15 вакви работилници да се оддржат низ градовите во Македонија со финансиска поддршка на Фондацијата Кондрад Аденауер.