Во “Наце Буѓони“ презентирана македонската и албанската култура
Ученици од македонска и албанска националност денеска ги презентираа своите носии, песни и традиционални јадења во средното техничко училиште “Наце Буѓони“.
Презентацијата е завршница на проектот “Различни, но сепак слични по обичаи, етнос и храна“.
Ги презентиравме нашите јадења, нашите обичаи и традиција. Откривме и дознавме се за двете традиции. Бевме и во Скопје, имаше таму презентација. Направивме каталог се со цел да се намалат предрасудите помеѓу македонската и албанската националност - вели Јелена Пецевска, ученичка во “Наце Буѓони“.
Учениците заклучиле дека македонската и албанската традиција имат сличности, а двата народи знаат заедно да живеат и да се почитуваат.
Работевме во мали и големи групи. Тоа е добро за нас бидејќи подобро ќе се познаваме. Нашите професори ни даваа насоки. Албанците работеа на хамер и Македонците исто така. Има кујна наша , и ќе ги покажеме народните песни и ора - рече Беџет Латифи, ученик во “Наце Буѓони“.
Професорката по социологија, Светлана Илиевска Алексовска објаснува дека сите активности се одвивале во слободните часови во училиштето. На проектот работеа две групи од по 16 ученика од четврта година.
Проектот го почнавме поаѓајќи од претпоставката дека ние иако припаѓаме на различни култури, иако практикуваме различен јазик сепак имаме слични желби и интереси. Тоа го проверивме на првиот час кога на двете групи им рековме да кажат што сакаат да јадат, која им е омилена храна, парче облека. Видовме дека се слични со потребите и желбите. Проверивме колку знаат за туѓата култура. Го погледаме филмот “Пред дождот“ од Милчо Манчевски кој ни беше поттик да разбереме што бара проектот од нас - изјави Илиевска Алексовска.
Учениците направиле анкети и интервјуа за да соберат што повеќе информации за сличностите и разликите меѓу двете заедници. Средношколците претходно се запознаа со свадбените обичаи и организирањето на венчавки кај Македонците и Албанците.