Во Старо Нагоричане промовирана “Етно соба“
Во општината Старо Нагоричане денеска беше отворена “Етно соба“, во која се сместени фотографии, носии и предмети за домаќинство од овој регион.
Етно собата е дел од проектот “Рурален развој преку културни обележја во кумановско“ кој го реализираат здружението “Доверба“ со помош на Владата и Општина Старо Нагоричане. Ангажирани се 15 млади луѓе на возраст од 18 до 30 години од самата општина кои ќе поминат обука и ќе работат на промоција на Старо Нагоричане.
- Преку овој проект ќе се збогати понудата, која што освен разгледување на културно - историските знаменитости со кои располага општината, ќе бидат вклучени и екскурзии низ селата, ќе се промовира традицијата и минатото. За понудените услуги од страна на туристичките агенции-нарачатели, бенефит ќе имаат вклучените субјекти, а пред се жителите од селата кои директно или индиректно ќе работат на промоција на општината - изјави Милован Стојковски, градоначалник на Општина Старо Нагоричане.
Успешното реализирање на овој проект ќе биде пример за повеќе проекти кои понатаму ќе се спроведат во земјава.
- Директното вклучување на локалното население е голем инпут за развој на населеното место, а овозможува заживување на социјалниот живот, но и преставува можност за дополнителни вработувања како и развој на руралните средини каде се лоцирани овие културни богатства - кажа Дивна Јанкова од здружението "Доверба".
Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот потенцираат дека на територија на оваа општина се наоѓаат многу знаменитости, цркви, манастири, бања кои можат да привлечат туристи.