Воените ветерани започнаа соработка со колегите од Бујановац
Претставници на Здружението на армиски и полициски ветерани денеска во клубот “Христијан Т.Карпош“ потпишаа меморандум за соработка и разбирање со колегите од Бујановац, Србија.
Нивна цел е да ја негуваат традицијата, да ја развиваат прекуграничната соработка и со заеднички проекти да аплицираат за добивање на средства од ИПА фондовите.
Ние имавме повеќе контакти со здружението од Бујановац. Договоривме да ја озваничиме оваа наша соработка која ќе биде и меѓугранична. Ќе ги дефинираме нашите понатамошни активности. Понатаму планираме да воспоставиме соработка и со другите збратимени градови на Куманово. - изјави Драган Стојмановски, претседател на Здружение на армиски и полициски ветерани.
Гостите од Бујановац сметаат дека овој меморандум ќе биде почеток на долгогодишна плодна соработка и размена на искуства, што ќе биде традиција за идните генерации.
Ќе соработуваме во сите области, вклучувајќи ја и нашата бранша. Ова ќе биде добро за сите нас. Ние имаме 165 членови и планираме соработка и со Бугарија. Се надевам дека тоа ќе се случи во оваа календарска година. - вели Србољуб Стаменковиќ, претседател на Општинска организација на резервни воени старешини Бујановац.
Здружението на армиски и полициски ветерани има склучено меморандуми за соработка со слични здруженија од бугарските градови Ќустендил и Дупница, а наскоро се планира проширување на соработката со Пловдив и Варна.
Делегации од двете здруженија по потпишување на меморандумот положија цвеќе на Спомен Костурница.