Вработените во СВР Куманово даруваат крв
27 единици крв се собрани за час и половина од почетокот на крводарителската акција во СВР Куманово.
Меѓу вработените во полиција има крводарители кои редовно даруваат крв и досега многупати ја покажале својата хуманост на дело.
Мене ми е 15 пат да давам крв и го правам ова од хуман аспект. Претежно во СВР Куманово дарувам крв и тоа два пати годишно. Добро е за организмот и сметам дека секој човек треба барем еднаш да даде крв заради себе и заради другите. Никогаш човек не знае кога на него или на некој негов близок ќе му затреба крв - вели Љупчо Миленковски, инспектор за недозволена трговија со дроги во СВР Куманово.
Во соработка со Црвен Крст во СВР Куманово три пати во годината се организираат крводарителски акции.
По 35 - ти пат дарувам крв. Кога има потреба, кога ќе ме повикаат во болница давам крв. Би им порачал на граѓаните кога имаат можност, најмалку еднаш годишно да даваат крв - изјави Неритан Рамадани, командир на ПС Гошинце.
Трансфузиологот Лилјана Славковска вели дека од година во година одзивот на крводарителските акции организирани во кумановската полиција се зголемува и се очекува до 14 часот да се соберат околу 50 единици крв.