Заедницата на сопственици прескапа за станарите
Под изговор дека немаат пари половина од станарите во градот не регистрирале заедница на сопственици.
Инспекторот за домување при Општина Куманово, Селами Ајрулау објаснува дека регистрирањето на заедница на сопственици ќе значи овозможување на подобри услови за живеење. Станарите редовно ќе мора да плаќаат одреден износ, но ќе имаат чисти ходници, домофони, варосување, и ќе се регулира користењето на заедничките предмети.
Интерес има, ама нема финансии. Заедницата треба да се финансира од буџетот на станарите. Секогаш ни кажуваат дека имаат мали пензии, плати, имаат социјални случаеви и тука е проблемот. Да имаше друг буџет, како на пример имаме згради кои имаат реклами, тие имаат добар буџет и земаат од 300 до 500 евра. Тие не се финансираат самостојно, туку приходите доаѓаат од друга страна, од реклами. Во центарот на градот ги има такви. Основа за финансирање е џебот на граѓаните. Има два фонда, тековен за оддржување на зградата и резервниот фонд за поголем обем на работа, фасади, молерски работи кои не се чепкаат секој ден - вели Ајрулау.
Тој објаснува дека граѓаните треба што побрзо да формираат заедница на сопственици, во спротивно може да се соочат со опомени, казни, присилна наплата која ќе биде неколкупати повисока.
Ајрулау вели дека за пофалба се станарите од улица “Димитрие Туцовиќ“ бр. 2, тие досега работат принципиелно и согласно Законот за домување.