Започна проектот за физичко воспитување на лицата со попреченост
Со лицата со попреченост часови по физичко воспитување ќе изведуваат пет професори, кои се ангажирани преку проектот на УНДП за општинско - корисна работа.
Лицата со посебни потреби од “Порака наша“, Дневниот центар кај Чик, како и ученици од посебните паралелки во ОУ “Браќа Миладиновци“ во иднина ќе посетуваат часови по физичко воспитување во спортските сали во градот.
На денешниот час кој се одржа во салата на основното училиште „Толи Зордумис„, присуствуваше и градоначалникот Зоран Дамјановски, бидејќи општината Куманово го доби проектот преку УНДП.
Најважна е рекреацијата и рехабилитација на овие лица, со цел да бидат социјализирани во нашиот општествен систем. Ние во проектот обезбедивме логистика, а УНДП учествува со 180.000 денари. Куманово дава поддршка и е водечки град кој ги поддржува лицата со посебни потреби. Знаете дека “Порака наша“ е исклучиво финансирана од Општина Куманово. Најавувам, во тек е постапка за избор на изведувач за превоз на деца со посебни потреби до училишта и дневните центри - изјави градоначалникот Дамјановски.
Со лицата со попреченост на часовите по физичко воспитување ќе работата пет професори, кои се ангажирани преку проектот на УНДП за општинско - корисна работа. Професорите ќе работат по 20 часа неделно за надомест од 6000 денари месечно, а општината овозможи часовите да се изведуваат во неколку училишни спортски сали во градот. Проектот ќе трае 6 месеци, а доколку се обезбедат средства преку донации можно е истиот да продолжи.
Општинскиот проектен координатор Фросина Трајковска вели дека во градот имаат потенцијални стотина корисници со посебни потреби кои можат да доаѓаат на часови по физичко.
Овој проект ќе биде многу корисен. На пример за следењето на тежината на овие деца кои се склони кон дебелеење бидејќи не се физички активни. Следење на нивната тежина, нивната општа здравствена состојба, кондиционо, здравствено. Се ќе биде под контрола. Понатаму планираме во најмала рака од сево ова да излезе еден прирачник за спорт и рекреација за деца и лица со посебни потреби - рече Трајковска.
Од друга страна проектот им дава шанса невработените кадри да се вработат и стекнат нови вештини.
Со ваква категорија на лица немам искуство, но ќе се потрудам да дадам максимум од себе, да ги активираме овие лица. Проектот само што почна и лицата се многу задоволни, има голема радост кога ги извршуваат физичките активности. Тоа е голем успех и за нас и за нив - кажа Александар Спирковски, професор по физичко образование.
На часовите можат да доаѓаат и лицата со посебни потреби кои не се членови на двата дневни центри во градот.