Зелено знаме за кумановската градинка
Градинката „Ангел Шајче„ од Куманово се закити со признание Еколошко знаме, како награда за посебни достигнувања и развој на еколошката култура кај децата.
Кумановската градинка е една од двете градинки што добиле вакви признанија, во конкуренција на 52 градинки во државата. Зеленото знаме се добива за две години, и доколку не се оправдаат резултатите и зацртаните активности тоа може да се одземе.
Цела година напорно работевме за да се здобиеме со ова признание, но нашите напори повеќе беа да ја потикнеме еколошката свест кај децата за зачувување на животната средина, рециклирање на хартијата и селектирање на отпадниот матерјал. Активностите беа реализирани во текот на целата учебна година во сите шест објекти во сите воспитни групи. Оваа за нас значи голем предизвик и понатаму да продолжиме да работиме и да го задржиме знамето подолг период -вели директорката Марина Алексовска.
Признанието на установата ќе биде врачено викендов на еко-самит во Охрид. Од минатата година градинката е вклучена во проект „Интеграција на еколошкото образование во македонскиот образовен систем„, кој се реализира во соработка на Министерството за образование и невладината организација ОХО.