Мени

Жителите на Долно Којнаре бараат лежечки полицајци на патот

01.10.2013 13:59 | KumanovoNews

 Педесетина жители на кумановската населба Долно Којнаре денеска напладне еден час го блокираа локалниот пат Куманово - Табановце, барајќи од надлежните локални власти да постават лежечки препреки, бидејќи несовесни возачи возат како по авионска писта и им ги газат децата.

Жителите на Долно Којнаре бараат лежечки полицајци на патот

Жителите се одлучија на овој чекор по низата сообраќајни несреќи што се случиле во изминатиот период, а во последната пред два дена било прегазено момче додека се движело по тротоарот. Возачот кој со голема брзина удрил во пешакот, откако видел дека момчето е тешко повредено и во бесознаниe, ги изгаснал светлата на возилото и побегнал без да му помогне.

 Овој пат досега во изминатите неколку години однесе најмалку 10 жртви и затоа како месна зедница бараме да постават лежечки полицајци на повеќе места низ населбата. Барањето ни е поднесено уште во јуни, но досега немаме никаков одговор од надлежните институции, општината и СВР Куманово. На патот имаше гумени препреки кои ги извадија и затоа бараме бетонски препреки кои неможат да се отстранат - вели Зоран Петрушевски, претседател на м.з. Долно Којнаре.

Жителите најавуваат дека доколку не се исполнат нивните барања ќе преземат порадикални мерки и нема да ги пуштат децата на училиште.

Овде настрада моето внуче, а пред некој ден момче од 20 години. Пред тоа на ова место удрија една жена. Подолу еден човек е згазен, загина. Тоа се повторува често. Ни ветија дека ќе постават лежечки полицајци, ама од тоа нема фајде. На оваа улица се вози како по автопат, плус е неосветлена, уличните сијалици не работат навечер. Нема обележано пешачка патека, децата кај ќе поминуваат ? - изјави Спасе Михајловски, жител на Долно Којнаре.


Родителите се загрижени поради брзото возење и велат дека голем проблем е тоа што уличното осветлување не функционира.

Од општината Куманово велат дека во тек е изработка на елаборат за поставување на цврсти препреки на патот со кои ќе се ограничи брзината на движење. Градоначалникот Зоран Дамјановски смета дека во градот треба да се зголеми сообраќајната култура на несовесните возачи наместо да се поставуваат препреки на секоја улица.