„Нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер (ова јас го кажувам без извинување), да ја срушат оваа Влада. Ова премиерот Заев го кажа пред неколку месеци, без во тој момент да ја знаеме „магнитудата“ на случајот „РЕКЕТ“, освен она што го читавме токму од тој суетен новинар.
Не постои никој ниту во правничкото, а уште помалку во политичкото „милје“ на оваа држава кој не ги проследи првите три „епизоди“ на судењето за овој, повеќе политички отколку правен случај, особено под рефлекторите на сведочењето на првиот сведок, „докажениот борец за правда и најголемата поштењачина во Македонија“, господинот Камчев.
Прво, она што знаеме за него... Благонадежен социјалдемократ, потпретседател на Социјалдемократската младина на Македонија, „промашен“ кандидат за пратеник на СДСМ на изборите во 1998 година, најобичен „паљачо“ којшто уживаше да се маскира во „КЕКЕЦ“ само за да привлече внимание кон себе, на којшто основата на целото богатство му ја постави неговиот татко со криминалната приватизација на тогашната „Словенија-шпорт“, подоцна „Македонија-спорт“, кое богатсво брзински се мултиплицираше во времето на ДПМНЕ на Љубчо 1998-2002 година, а со доаѓањето на ДМПНЕ на Грујо и Бате Саше Мијалков во 2006 година стана еден од главните играчи на криминалното злосторничко здружение на ДПМНЕ кое ја осакати Македонија од 2006-2017 година.
Второ, она што тогаш не го знаевме за него, а го дознаваме овие денови е дека покрај човечкиот карактер на „плачко“, кој впрочем го имаше и поодамна, е неговата карактеристика за можност за „квалитетно упикување“ во отворите на секоја власт, вклучително и оваа, со единствена разлика што, како што реков на почетокот, од лидерот на СДСМ беше оквалификуван како „еден од криминалците“.
Видете, јас лично Орце релативно добро го знам... Никој од нас во тоа време воопшто не го „есапеше“ зашто знаевме дека немаше никаков интелектуален капацитет а и денес, кога некој ќе ме потсети на Орце од тоа време, не се сеќавам дека некогаш кажал било каква просто-проширена реченица.
И сега доаѓаме до „РЕКЕТ“. Она што Кичеец го направил и што самиот си го призна, а што покрај него го направила “иконата на Македонското правосудство” другарица Катица и нејзиниот ортак „Боки Тредичи“ е јасно, недвосмислено криминално здружување и не знам колкава казна ќе добијат, ама знам дека ќе им е малку, особено за СЈО-вката, не за друго, единствено зашто ја злоупотреби довербата на сите граѓани на Македонијам кои веруваа дека таа е единственото „светло на крајот на тунелот“ (меѓу кои впрочем бев и јас), на сите нас кои шетавме со маичките на СЈО и чекавме криминалците за завршат во затвор, нормално меѓу нив и другарот Орце, за кој знаевме дека е финансиска перална на режимот на Грујо.
И што се случува минатата недела? Доаѓа другарот да дава исказ, и тоа као некаква ѕвезда новинарите го чекаат како да дошол малтене Генералниот секретар на НАТО, сопругата му имала температура па со неа ќе се занимаваме повторно идната недела и во исказот прави „партал од државата“, функционерите, едноставно се добива впечаток дека се се врти околу него. Додуша, да бидеме искрени, огромна улога во тоа негово однесување има и суетниот новинар од почетокот на овој текст, кој истиот ден неговиот исказ го пренесува интегрално, во три посебни делови на својот портал, а истовремено не му ни текнува дека некој ќе се запраша „кои му се мотивите“? Јас лично мислам финансиски, и тоа во сериозни девизни суми, ама тоа е на органите да проверат, еве јас не знам.
Поентата ми беше во нешто сосема друго : Орце е само последица на се што не чини во нашата Македонија. Тој е само финален производ на малверзации, криминални откупи на туѓи фирми, „заебавање“ со доверители во време на ДПМНЕ а плачење денес кога нема кој веќе да го спасува, некој против кого не можевте да добиете судски случај „во она време“ (повеќе не ми се ни споменува оној побегуљата од Будимпешта), едноставно тој е „канцер“ на македонското општество и сите тие што го третираат како жртва во овој случај се негови соучесници во разорувањето на судскиот и правосудниот систем на оваа држава во целина.
Мораме да собереме сили како држава, општество, судство, обвинителство и сите други органи на прогон во оваа држава овој бандит и сите како него да завршат не во Белизе туку во Идризово. Ако не успееме во тоа, џабе борбата!
Виктор Божиновски Виктор Божиновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*