×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Години на љубов ил' смрт

    Дејан Ѓорѓиевски

    Познавајќи ја страдалничката судбина на македонскиот народ, навистина е тешко да се каже кој период  или настан е „најцрниот“ во македонската историја. За мене, лично, покрај сите средновековни битки, антички колежи и погубувања, успешни и неуспешни востанија и битките од НОБ, периодот на дваесетите и триесетите години на минатиот век е најтемното доба на нашето постоење. Тоа е периодот на „атентатите на ВМРО“ , доба кое најдобро го отсликува проблематичниот ген на Македонецот.

     Во годините кога државите на Балканот се формираа, ширеа и зајакнуваа, македонските патриоти одлучија дека првин треба внатре, меѓу себе да си ги средат сметките. Верувајќи им на пропагандите од соседните земји (затоа што нели, пријателите од надвор секогаш го мислат најдоброто за Македонија), постепено се елиминираа самите себе, погубувајќи ги најдобрите во своите редови. Гледано од поширока временска дистанца, меѓусебните  атентати на македонските револуционери се направени од две причини – борба за превласт или идеолошки разлики, во зависност од влијанието на соседните земји врз движењето. Разликите никогаш не се надминаа, власта им беше краткотрајна, па не верувам дека некој од учесниците беше задоволен од развојот на настаните. Немаше победник. Единствено што самите си го направивме беше тоа што требаше да чекаме уште неколку децении за да можеме на само еден дел од географското простирање на македонскиот народ  да создадеме држава...Последни на Балканот...

    Времињата минуваа, Македонија стана независна, но поуките од минатото не ги согледуваме ниту денес.  Верувањето дека нашата судбина треба да му ја препуштиме на некој од надвор, кој ни мисли добро и кој најдобро ќе ја води државата, како и пустата желба за превласт по секоја цена, се чини дека длабоко се вткаени во генот на Македонецот. Комплексот на недостојност за големите работи, откажувањето од херојската историја и слично, се логичен продукт од ваквиот ген.

    Македонија овие две години повторно минува низ бурен период, можеби најнеизвесен по прашањето на нејзиното опстојување по конфликтот од 2001. Наметнатата криза од т.н. „бомби“ не успеа да ги даде политичките резултати на оние кои ја приредија, одвнатре и однадвор, но успеа државата да ја клекне на колена, економски и безбедносно да ја поткопа, и да ја остави во таква положба долго време. Јас бев сведок на протестите на опозицијата во Куманово, и сликата на селанецот со српско потекло од Умин Дол со албанското знаме во рацете ми беше доволен показател дека некој друг ги контролира безредијата. За жал, се уште постојат луѓе кои веруваат дека т.н. „Шарена револуција“ беше спонтан акт без партиски призвук и инволвирање на странски интереси.

    А дали се сеќавате како се започна? Две причини беа клучни за да започнат протестите и обидите да се отстрани избраната власт. Прво, тврдењето дека премиерот нелегално прислушувал 20. 000 граѓани и втората, дека последните избори се нелегитимни, поради тоа што во Македонија постојат повеќе од  500. 000 фантомски гласачи. Излезе дека повеќе од 5000 граѓани биле прислушувани (што и не е мала бројка, иако е многу помала од лагата на Заев за 20.000), а тоа што на интернет се појавија и снимки од прислушувани поранешни премиери додека биле на власт, најдобро покажа дека прислушувањата се одвивале континуирано низ децениите, независно од промените на власта, и дека старите кадри во ДБК се доволни силни и ја држат целата политичка и бизнис елита во своите раце.  Пречистениот избирачки список пак, од друга страна ја покажа апсурдноста на наметнатата криза. „Фантомите“ се стопија и исчезнаа, бројот на гласачи дури и се зголеми за повеќе од 3000 од последните избори. Со целосно загубени легитимни избори зад себе, фатен во лаги, лидерот на опозицијата повторно се најде во ситуација на „сé или ништо“. И повторно за својата битка ја користи судбината на Македонија. „Проевропското“ барање на Заев за двојазична држава, од никого барано или поставено како услов (барем не јавно), повторно нé исправа пред  дилемата, дали ние-Македонците, воопшто некогаш ќе престанеме да се самоуништуваме? За разлика од стравот од федерализација и распаѓање на државата, јас проблемот би го согледал од друг аспект – на кој начин двојазичноста на целата територија ќе ги подобри правата и условите за живот на Албанците во државата? За мене ќе беше во ред доколку Заев изјавеше дека има план да донесе пари во Македонија, и дека со тие пари ќе гради училишта, патишта и канализации со акцент на албанските места. Ете, нешто сепак ќе се гради, нема само да се урива. Но, на кој начин двојазичната табла од, да речеме, општина Делчево, ќе му го подобри животот на албанскиот селанец од Алашевце, кој секој ден гази кал за да стигне до полскиот тоалет затоа што нема канализација, навистина не ми е јасно. Од друга страна, таа наметната двојазичност ќе биде јаболко на раздор помеѓу етничките заедници, па претпоставувам дека на евентуално кршење на таблата ќе се одговори со палење на знамиња од другата страна и други „ситни“ инциденти со големи потенцијали...Во кратки црти, лидерот на опозицијата нуди наметната одлука која може да донесе само проблеми, а никако соживот и решенија за подобра иднина.

    На тој начин, повторно се враќаме на почетокот од текстот, и сфаќаме дека она што самите можеме да си го направиме, никој друг не може да ни го направи. Мајстори сме за тоа, повеќе пати потврдени низ вековите. Желбата за власт и ставањето во служба на туѓите интереси по кој знае кој пат се ставени пред интересите на сопствената татковина. „Времето сегашно и времето минато, се обете можеби присутни во времето идно, а времето идно содржано во времето минато“. Колку и да сакал големиот Елиот од своите стихови да добие метафизички призвук, кај нас тие звучат реално. Историјата константно ни се повторува, само што извлекувањето поуки од неа ни е слаба страна. И членовите на опозицијата се срамат од овие постапки на лидерот, и најголемиот дел од нив гледаат дека лидерот некому нешто му има ветено, но наоѓаат оправдување во изговорот дека „така мора да биде, големите решиле така...“ Ех, замислете што ќе се случеше со државата така да размислуваа и првоборците, и илинденците, и...

    И најтрагично е што повторно ќе нема победници, само губитници. Губитници за кои поколенијата ќе учат дека преку нивните грбови се кршеле интересите на големите светски сили.

    Дејан Ѓорѓиевски Дејан Ѓорѓиевски, Претседател на Комисија за култура на ОК на ВМРО-ДПМНЕ - Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*