×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Како до УСПЕХОТ со најскапиот и најдефицитарниот ресурс - ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО?

    Доц. д-р Синиша Наумоски

    Основната цел денес, на современиот концепт на образование, е да креира нови дипломци кои ќе бидат способни за имплементација на нови работи, а не едноставно да ги повторуваат работите што ги направиле другите генерации.

    Со еден збор кажано, современиот систем на образование ќе може да се нарече добар, само и само ако создава, академски граѓани кои се креативни, иновативни и склони кон откривање. Во спротивност за десеттина години, се друго поинаку ќе биде само просек или обична квантификација.    

    Ние Македонците, како по обичај, сме се научиле за се нешто кое не може да успее да побараме алиби, по примерот на: ″Ранко″ е крив, ″Станко″ е крив и сл. Но, се прашувам: Дали за сè нешто да се има алиби, е во функција на успехот? Оттука, се поставува следново прашање: Дали сте сигурни дека точно знаете што е успех? На ова, имам една теза која е во потполна согласност со размислувањето на славниот писател Емерсон В. Ралф, кое неодамна го прочитав, а вели: ″Смејте се често и многу; стекнете ја почитта на интелегентните луѓе и наклонетоста на децата; здобијте се со признание за чесна критика и издржете го предавството на лажните пријатели; ценете ја убавината; наоѓајте го најубавото во луѓето; оставете го светот со малку подобро здраво дете, уредна градина или со решавање на некој општествен проблем; знајте дека барем еден човек полесно дишел поради Вашето постоење. Тоа значи да успеете.″ Јас би додал на ова: да успеете значи и да го преживеете секој привремен пораз, без притоа да го загубите ентузијазмот.

    Како и да е, добро е за сите нас, или барем за оние 20% (од правилото 80-20), да генерализираме нешто. Имено, мора да бидеме објективни и да признееме дека во 90-тите ги избравме најдобрите експерти и советници за економски и макроекономски прашања. Ако е тоа така, а така е, во тој случај се поставува прашањето: Зошто не успеавме со приватизацијата да направиме ран развој на претприемништвото? Сега го знам одговорт на 80% од Вас. ″Станко″ е крив. ОК. Но, ајде да одиме чекор понатаму, сè со една цел, да ја извлечеме констатацијата за големото отсуство на филозофијата наречена претприемништво во мислите на огромен дел од водечките луѓе во стопанскиот сектор, тогаш, и секако нели експертите (кои денес многу пишуваат како требало)... Почитувани, во 90-тите ние не успеавме да направиме успешна приватизација или ако милувате, ран развој на новата филозофија наречена претприемништво, поради отсуството на пазарниот амбиент во поранешната социјалистичка наша држава. Практично, тоа само по себе го спречи појавувањето на претприемништвото, и тоа во онаа форма во која за нас беше најпотребно, а тоа е преку негово обликување во мали и средни претпријатија. Таквата идеолошка матрица на планско стопанство (сега да не ми замерат почитувачите на планската економија) направи огромна празнина во мислите на поголемиот дел, тогашни менаџери, директори и експерти, па така, тие ги имаа испомешано поимите и истите, под мало стопанство, подразбираа само занаетчиство, со континуирана присутност на разни ограничувања и забрана за вработување на дополнителна работна сила. Со ова, секако, беше во значителна мера маргинализирано дејствувањето на поединците врз стопанските текови. Оттука, малото стопанство – претприемништвото како макроекономска филозофија беше запоставувано заради потребата од планско форсирање на развојот на стратешките индустриски гранки – големите фабрики и сл. Практично, проблемот лежи во големите фабрики, и тоа, конкретно во менаџментот кој се затекнал во нив, при промена на двата системи, од плански во пазарен. Да бидам јасен, проблемот е во размислувањето, во мислите на поголемиот број на менаџери на фабриките во тоа време. Тие, и по 90-тата сеуште размислуваа плански, односно тие заборавија дека поголемата ефикасност се постигнува со најниски можни трошоци, и најбитното, заборавија да ги реализираат добрите можности од активирање на внатрешните претприемачи – entrepreneurship. Заборавија, дека пазарите се променети, отворени... Заборавија, дека во пазарно ориентирано стопанство успеваат само оние претпријатија или раководители на истите, кои постојано учат, се менуваат и прилагодуваат кон конкурентските битки на пазарот.

    Од друга стана пак, Peter Drucker уште во 1985 година убаво ќе истакне: цитирам, ″ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО Е ЕДНАКВА КАРАКТЕРИСТИКА, КАКО НА ПРИВАТНИТЕ И ЈАВНИТЕ, ТАКА И НА СТОПАНСКИТЕ И НЕСТОПАНСКИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ПРОФИТНИ И НЕПРОФИТНИ ОРГАНИЗАЦИИ″, затворен цитат. Почитувани, после 23 години, ако во барем еден интелект, од оние 20% се разбира, се појави несогласување со ваквата теза на Drucker, тогаш уште долго, долго време ќе имаме статус - земја во развој со висока стапка на невработеност.              

    Но како и да е, сега тоа е минато, кое треба да не научи дека и во големите претпријатија (фабрики, комбинати...) со македонски капитал, кои подолго време егзистираат, треба да се овозможи изразување на знаењата и мотивите на оние вработени кои имаат претприемачки дух, да добијат и менаџерски позиции ако тоа е потребно, или со други зборови да се чувстуваат “важни, битни” во самата организација, а тоа е одлично за нивното ниво на внатрешна мотивација, која несомнено доведува до креативност. Понатаму, нивното знаење и енергија, јас сум убеден дека ќе овозможи поголем раст и развој на пазарите. Во спротивно, запомнете убаво, ако постоечките менаџери не го оспособат системот за слободно изразување на иновативниот дух (креативноста) и со самото тоа, да поттикнат претприемачко однесување на нивните вработени, тогаш големите претпријатија (фабрики, комбинати...) со македонски капитал ќе се впуштат во бирократска стуктура (а такви се во поголем број денес) и тоа ќе доведе кон пропаст, како голем број примери во изминативе две децении. Оттука, се поставува прашањето: Како да бидеме креативни?                      

    Имено, во повеќето анализи и истражувања се вели дека најголемото богатство на секоја земја е креативноста на нејзините поединци. Ако е тоа така, тогаш јас со сигурност би рекол дека најголемата креативност се јавува во добро организирано опкружување. Практично, лошата организација води до конфузија и залудно потрошено време. Запомнете: конфузен човек не е креативен. Само слободоумен и мотивиран човек е креативен. Во контекст на ова, вреди да се обележи толкувањето, на сега веќе починатиот Кенеди Ф. Роберт, кој меѓу другото ќе истакне: “Некои луѓе ги гледаат работите такви какви што се и прашуваат зошто. Јас сонувам за работите какви што никогаш не биле, и се прашувам: зошто не?” Ете затоа, почитувани мои пријатели, ако не се менуваме доволно брзо, ќе пропуштиме многубројни можности. На мислење сум, дека промената значи отфрлање на правилата кои веќе послужиле за остварување на својата цел. Можеби грешам. Останува да видиме.

    На крајот, можам да констатирам дека во повеќето високо развиени земји, искуствата говорат дека државните структури, Владата, министерствата или некои овластени и услужни органзации имаат голема стимулативна функција за развојот на претприемништвото. Ваквите држави, практично, имаат конструирано цели мрежи на служби за давање на совети, кои на идните потенцијални претприемачи им дават услуги, консалтинг, практични совети, обуки и сл. Но, не само во едукација, таквите служби за давање на совети, овластени сè, од страна на Владата да создаваат силни конекции и со банкарскиот сектор, во смисла, давање на соодевтни и реални финансиски олеснувања за потенцијалните претприемачи. Јас велам, токму тука е клучот за успехот. Имено, кај нас се појавува еден јаз помеѓу банкарскиот сектор и потенцијалните претприемачи.  

    P.S. Се прашувам: дали треба нова организација – служба (приватна, јавна или мешовита е сеедно), за давање на практични совети и помош при кредитирањето и изработката на бизнис планови за апликација во Банките на потенцијалните претприемачи, која во себе ќе интегрира голем број банкарски специјалисти и членови на нивните УО. Секако дека е дојдено времето за тоа!      

    Авторот е Универзитетски професор

    Доц. д-р Синиша Наумоски Авторот е Универзитетски професор на Еуро Колеџ, Доц. д-р Синиша Наумоски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*