Од политиките на оваа Влада преку кои секојдневно доживуваме порази, како последниот дипломатски нокаут со францускиот предлог, не смее незабележано да помине и ребалансот на овогодинешниот буџет. Кога зборуваме за економија и финансии, неспорно е дека Македонија е неколку децении во криза, но периодов самата Влада го дефинираше како најголема криза по Втората светска војна.
Е сега, во најголемата криза по Втората светска војна Владата скроила најголем Буџет во историјата. Или поинаку кажано, оваа Влада ќе потроши 4,7 милијарди евра, најмногу од која било Влада, во која било година до сега! Ваквото мегаломанско трошење мора да е пропратено со поголеми даноци и поголеми задолжувања. И да, Владата ќе собере пари од ДДВ како никогаш до сега, но не заради пораст на потрошувачката, пораст на просечната плата, поголема профитабилност на компаниите или слично, туку поради инфлацијата, односно зголемувањето на цените на сите производи, што ја зголемува даночната основа врз која се пресметува ДДВ. И од друга страна, за да може владата расипнички да троши, ќе кумулира нов нето долг од 1 милијарда и 315 милиони евра, што ќе оневозможи фискална консолидација на долг период.
Замислете, иако Владата собира повеќе пари по основ на даноци и надоместоци, сепак нема намера да се откаже од дел од ДДВ и акцизата на горивата, со што значително би се намалиле цените на истите. Согласно постојните давачки за секој 1 литар бензин Владата им зема на граѓаните околу 45 денари!? Да го прифатеше предлогот на опозицијата да се преполоват овие големи давачки, цената на горивата веднаш ќе паднеше за 20-тина денари. Или да ја земеме електричната енергија, каде исто така опозицијата даде предлог, но Владата не сакаше да се откаже од дел од ДДВ, со цел да се ублажи најавеното зголемување на цената од 1 јули 2022 година. Ја одбија и третата мерка предложена од опозицијата, со која се бараше ДДВ за основните прехранбени производи да биде 0%. Сите овие предлози од опозицијата беа со цел да се намалат давачките на граѓаните, за полесно да го пребродат овој кризен период.
Верувам знаете на што ќе се трошат овие огромни финансиски средства – наместени тендери, партиски вработувања, луксузирање на функционерите со нови возила и мебел, грантови на фирми блиски на власта итн. Затоа јас ќе наведам каде нема да се трошат. Нема да се трошат за линеарно зголемување на платите од 2800 денари по вработен за јавниот сектор, што беше барање на Сојузот на синдикатите, кое јас како пратеник амандмански го поддржав. Или, нема да се трошат за поддршка на приватниот сектор за зголемување на платите од 3000 денари, како барање на Конфедерацијата на слободни синдикати, кое исто го поддржав. Владата не сака да обезбеди пари за бесплатен меѓуградски превоз за средношколци и студенти, одбивајќи го амандманот кој го потпишав. Владата не сакаше да прифати ниту еден предлог од опозицијата за решавање на проблеми од доменот на животната средина, здравство, култура, образование, инфраструктура, земјоделие...
Се запрепастив и што најголемата општина во Република Македонија, општина Куманово, воопшто и да не се спомнува во овој ребаланс на Буџетот. Затоа како пратеник од Куманово поднесов амандмани за обезбедување на пари за:
- модернизација и преадаптација на депонијата Краста во Куманово;
- изработка на проектна документација и изградба на водоснабдителни и канализациони системи во населени места во општина Куманово;
- изградба на нови градинки во Куманово;
- изработка на проектна документација и изградба на зграда за гимназијата Сами Фрашери – Куманово;
- изградба на нови спортски објекти во Куманово.
За жал, сите овие мои предлози се одбиени од Владата, затоа што очигледно изгубиле допир со реалноста и немаат чувство за потребите на граѓаните. Ете затоа ни се потребни предвремени избори и нова Влада. За да престанеме да губиме, затоа што ни е доста од порази!
Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*