×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Правда во македонските судови – нема!

    Бране Петрушевски

    Правосудниот систем во Македонија ПРАВДА буквално не обезбедува за никого. Таму луѓето единствено може да имаат или да немаат среќа. И толку! За да се согледа ова не се потребни некакви извештаи од релевантни домашни или меѓународни институции, впрочем тоа граѓаните го чувствуваат секојдневно.

    Затоа не изненадува фактот што во редовниот годишен извештај на Европската комисија за земјите кандидатки за членство во ЕУ е констатирано дека нема напредок во правосудниот систем во Македонија. Жално е што нема напредок ниту во превенцијата и борбата против корупција. Напротив, Европската комисија нагласува дека корупцијата останува распространета во многу области и предизвикува грижи. Понатаму, забележуваат и дека судењата за висока корупција се одложуваат и враќаат на повторно судење, што во некои случаи резултира со застарување на делата. Не остана незабележано за експресно донесените измени на Кривичниот законик, со кои се намалија максималните казни за случаите на корупција, што штетно ќе влијаат на способноста на властите да истражуваат и гонат такви дела. Во контекст на состојбата во правосудството може да се наведат и последните пресуди на Европскиот суд за човекови права, каде се констатираат повеќе незаконитости во постапувањето на правосудните органи во Македонија. Уште полошо е што вакви пресуди во наредниот период ќе има сѐ повеќе и ќе бидат сѐ полоши за репутацијата на нашите судови. Од друга страна факт е дека судовите знаат да бидат експедитивни, особено кога судеа за 27-ми април или некои поранешни функционери, кои не им „завршија работа“ за обезбедување гласови за промена на името.

    Мојот случај, со кој сум првостепено осуден за клевета и навреда е само уште едно камче во мозаикот на спрегата помеѓу власта и правосудството во Македонија. Замислете кога на еден пратеник, спротивно на Уставот, не му се уважува имунитетот, што остана за граѓаните кои немаат можност да бидат толку „гласни“!? За оние кои можеби не се доволно запознаени со нашите закони, морам да наведам дека согласно членот 64 од Уставот и членот 16 од Законот за пратениците, Пратеникот во Република Македонија ужива два вида имунитет: неодговорност на пратеникот (материјален или суштински имунитет) и неповредливост на пратеникот (процедурален имунитет). Материјалниот имунитет ја гарантира слободата на говорот на седниците на Собранието или на неговите работни тела. Процедуралниот имунитет се однесува на неможноста за притворање за кривични дела сторени надвор од Собранието. Ова мора да го знае секој правник и убеден сум дека ова го знаеле мојот тужител, кој патем речено покрај тоа што е правник е и пратеник, неговиот адвокат и судијата магистер по правни науки. Бидејќи ова морале да го знаат, само ми се потврдува сомнението дека мојот случај е спрега помеѓу власта и судството со цел замолкнување на опозициски пратеник и поттикнување на автоцензура кај останатите пратеници и критичката мисла, генерално. Разгледувајќи го понатаму процедуралниот дел од мојот случај, согласно член 7 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, нема одговорност за навреда ако изјавата е дадена во Собранието. Согласно сите овие наводи судијата бил должен да го одбие тужбеното барање и тука да заврши постапката.

    Но ајде, покрај овој процедурален аспект, да го разгледаме и материјалниот аспект од пресудата за клевета и навреда против мене. Осуден сум за изнесување на критика, факти и дебата за јавен интерес. Осуден сум затоа што сум кажал дека тужителот објавил закон во Службен весник без потпис на Указ од страна на Претседателот и дека за тоа ќе одговара. Осуден сум затоа што сум кажал дека Спасовски нема да може да го спаси тужителот од напад над двајца сограѓани по дејство на алкохол. Осуден сум затоа што сум кажал дека тужителот гласал за францускиот предлог, а за возврат Бујар Османи ја вработува неговата сопруга во Министерството за надворешни работи. За сите овие работи постојат новинарски натписи, до кои се стига многу лесно. Понатаму осуден сум зашто отворив дебата во јавен интерес за странски пасоши на некои функционери, со кои избегнуваат одговорност, за партиските вработувања, за имот на дел од функционерите кој е несразмерен со нивните примања... Впрочем овој мој говор стана доста вирален по социјалните мрежи, и освен поддршка од граѓаните и експертската правна јавност, јас не слушнав еден кој посочи каде е клеветата и навредата. Дополнително, деновиве си го поставувам и прашањето, ако јас сум осуден за критичка мисла искажана на собраниска говорница, што треба да им се направи на пратениците од Левица после дивеењето во Собранието? Но, за оваа дилема во друга прилика.

    Нејсе, оваа битка ја терам до крај. Не само заради мене, туку заради стотиците граѓани кои ме контактираа презентирајќи ми ги свои проблеми во судовите. Судскиот совет по мојата претставка веќе работи на случајот и очекувам сериозни санкции за судијата, а поднесов и жалба до Апелација. Ако не се поништи пресудата решен сум да одам до Стразбур, за да ја истерам правдата до крај!

    Она што останува на сите кои не се послушници на власта е уште некој месец да издржат, надевајќи се дека ќе имаат среќа во судските постапки, за разлика од мене. А потоа по заминување на оваа власт, идната Влада ја очекува сериозна и макотрпна работа за рестарт на правосудниот систем.

    Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*