Го гледам глумецот Владо Јовановски како на сликовит начин ни ги преставува скриените убавини на нашата „чудесна земја“ и постојано си велам дека ќе најдам време да посетам некои од местата кои досега не сум имал прилика да ги видам.
Навистина, природата била дарежлива на овие наши простори, бидејќи земјава изобилува со ретки убавини на кои секој од страна би ни позавидел. Тука е и преплетот на традициите и целокупното културно милје кое низ историјата се вградувало во духот на народот, надополнувајќи го целокупниот амбиент во единствена слика.
Но, како некој кој по вокација е задолжен за следење на состојбите во општеството, за она што се случува пред се во политичкиот и економскиот живот во земјава, за жал не би можел да Ви презентирам идилична состојба. Всушност, општествениот амбиент кој се наоѓа нашата држава е далеку од нормална состојба на една демократска држава од 21 век. Апсурдите во последниве неколку години се толку сеприсутни во општеството, што сами по себе ја редефинираат улогата на она што е вредно, пожелно, па и нормално ако сакате.
Од каде да почнам? Дали од состојбата каде Пратеник во македонското Собрание можеш да бидеш и без основно образование, а за таксист ќе мора да знаеш Англиски јазик? Или од ситуацијата кога власта по секоја цена сака, а опозицијата бега од предвремени избори? Дали од условот да бидеш Министер за одбрана да треба претходно да си се борел против истата таа армија со која ќе командуваш? Дали од состојбата вработувањето во државната администрација да се реализира низ лотарија преку ЈП Македонски шуми(!), а не според законски утврден начин на постојната Агенција за администрација? Или постапката - наместо поврат или ослободување од ДДВ, Министерот за финансии да организира новогодишна наградна игра (!) „Фискална во рака- награди без мака“? Што е со состојбата каде Министер глуми „таен агент“ и ги „брка“ лекарите и сестрите од ноќна смена? Или судската забрана за штрајк издејствувана за 1 ден од страна на истиот Министер во ситуација кога за судска или одлука на било кој државен орган се чека и со години? А состојбата „прво вработување“ како Министер, директор или дури и Премиер? Или состојбата со вадење документи во најголем број на институции, каде ако си „ничиј“ ќе си чекаш со месеци и за обичен документ кој во „нормална“ земја се вади за 2 минути? Што да се каже за држава во која етничкиот соживот и мултикултурното општество се гради во паралелни институции, на пример во образованието? Каде Министри и државни функционери одговараат пред својот „лидер“, а не пред оние кои се надлежни за нивна контрола? Држава во која Агенцијата и Центрите за вработување постојат про-форма, а вработувањето се одвива исклучиво преку списоци на политичките партии? Тие исти политички партии кои „доделуваат“ и социјална помош на најзагрозените, особено пред избори? Тие политички партии кои се тотално идеолошки дезориентирани, па иако десничари владеат како левоориентирани, и обратно? Што да се каже за бесперспективноста на младите кои имаат единствена цел - преку што е можно помалку напор и, најчесто површински, да завршат факултет (и „мастер“), за да преку „лепење плакати“ на избори дојдат до посакуваното вработување? Или да заминат од земјава ако се „неподобни“? Држава во која Претседателот е „безгласна буква“ и „безлична појава“ целиот свој мандат? Држава во која новинари се „бизнисмени“ (со милионски зделки) и „професори“? Држава во која културата, уметноста, архитектурата се во служба на политиката? Држава каде просечниот граѓанин гладува (30% сиромаштија), каде болниците и училиштата се без основни средства за функционирање, а државата гради споменици на познати и непознати со милионски суми - народни пари? Таа иста држава која гради капиталистички систем со пазарна конкуренција, а истата е најголем работодавач? Каде студентите не знаат што е тоа студентско организирање? Каде наставниците се административци, а не воспитувачи? Држава во која напредокот во кариерата е врзан за „улижувањето“ и „подобноста“ но не и со компетенциите и стручноста? Земја во која 99% од средношколците(!) се запишуваат на факултет, во услови кога дипломирани, магистрирани и докторирани кадри седат невработени со години? Земја во која висината на прекршочните санкции е десеткратно и повеќе поголема од висината на кривичноправните санкции? Држава во која воените злосторници се амнестираат, но за новинарски текстови се оди во строг затвор? Држава во која една судска одлука може да ја блокира работата на најголемата Општина? Каде јавно претпријатие наместо плати на вработените, спонзорира спортски клуб? Држава во која основниот природен ресурс (водата) е предмет на политички сплетки? Каде се даваат општински тендери на членови на своето семејство? Држава која води ирационален спор 20 години за своето име? Која, пак од друга страна, како млада држава го гради својот национален идентитет барајќи го 23 века наназад? Држава која не може ниту да го преброи своето население? Држава во која „независните интелектуалци“ се продаваат на партиите за ситни интереси? Демократска држава каде размислувањето со своја глава е државно непријателство? Каде граѓанските здруженија служат за контрапротести(!) пред седишта на политички партии? Каде Синдикатите не знаат што е тоа штрајк? Држава каде Афганистан наместо симбол за сиромаштија и заостанатост е симбол за излез и богатство? Или држава во која свештениците преферираат луксузни автомобили, а изградбата на Црква се брани со физичко насилство? Држава во која незадоволните граѓани молчат, а доколку случајно има некаков протест, ги има едвај десетина?
Само што почнав, а веќе морам да завршувам. Би можел да набројувам уште многу небулози, апсурди и парадокси кои се интегрален и секојдневен дел од нашиот општествен амбиент; но тука би завршил со: „Нели е чудесна оваа наша земја?“
д-р Марјан Младеновски Авторот е универзитетски професор и истражувач, Доц.д-р Марјан Младеновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*