×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • За социјално исклучените групи: лицата со интелектуална попреченост

    Доц.д-р Марјан Младеновски

    Знам дека е време на избори, дека е поатрактивно да се пишува „за“ или „против“ овој или оној кандидат за Претседател, „за“ или „против“ оваа или онаа политичка опција - но тоа овојпат нема да го сторам. Првин, затоа што медиумите секојдневно (ќе) не бомбардираат со информации кој каде бил, што кажал, кого нападнал, како му возвратиле од спротивниот табор и слично; така да, веќе има и (пре)многу материјал за нив. Второ, затоа што сметам (би сакал да не сум во право) дека никој од нив нема да се фокусира на лицата исклучени од реалниот општествен живот, особено не кон лицата кои не можат самостојно да се изборат за својот „глас“ - лицата со интелектуална попреченост.

    Првин би сакал да го појаснам поимот социјална исклученост, кој е нераскинливо врзан за оваа категорија на лица. Имено, за „пробив“ на концептот “социјална исклученост” (social exclusion) во меѓународниот простор, најголема заслуга има Европската Унија која поимот го вклучи во 1989 год. во Европската социјална повелба, а од 1996 год. го подигна на ниво на право (право на заштита од сиромаштија и социјална исклученост). Иако самиот термин социјална исклученост често се користи, сепак неговото терминолошко значење сеуште се преплетува со поимите сиромаштија, маргинализација, дискриминација, што е во голем зависност од просторната и функционалната интерпретација.

    Она што е најбитно за социјалната исклученост како определба, односно како постмодерен концепт, е врската со пристапот до правата од граѓанскиот статус. Поголемиот број на теоретичари се сложуваат дека социјална исклученост постои кога една група покажува неуспех во еден или повеќе социетални системи:

    • демократско-правниот систем кој ја осигурува граѓанската интеграција (еднаквост и рамноправност)
    • трудово-пазарниот систем кој ја осигурува економската интеграција (вработување и пристап кон економските добра)
    • системот на социјалната заштита кој ја означува социјалната интеграција (социјални услуги или помош)
    • семејниот и системот на локалната заедница кој ја означува интерперсоналната интеграција (морална подршка)

    Депривација во едниот систем не значи и неуспех во останатите три системи, но ако тоа е случај тогаш за таквите групи говориме дека се целосно социјално ислучени. Особено е тоа сериозен проблем доколку таквата исклученост од сите 4 системи трае подолг временски интервал. Таквите граѓани не можат да партиципираат во секојдневните општествени настани, иако веројатно би сакале да бидат активни учесници во општествените процеси. Ваквите лица влегуваат во т.н. маѓепсан круг на сиромаштија - невработеност - исклученост - обесправеност со што се доведува во прашање граѓанскиот статус, човековите права, солидарноста, хуманизмот итн.

    Специфични општествени групи кои вообичаено се третираат и проучуваат во Македонија како социјално исклучени се: Ромите, хомосексуалците, зависниците од дрога, зависниците од алкохол, лицата со попреченост, бездомниците, децата на улица, сексуалните работници...

    Лицата со интелектуална попреченост се наоѓаат во посебно тешка состојба поради специфичноста на својот хендикеп, односно неможноста сами, организирано да делуваат во насока на подобрување на својот општествен статус. Зависноста од нивните најблиски и од институциите, силно ја потенцира потребата од  поголем ангажман на оние кои имаат моќ за подобрување на нивната положба. Општествени сфери кои се најзначајни за оваа категорија лица се здравствената и социјалната заштита, образованието и вработувањето, дискриминацијата и човековите права итн.

    Лицата со интелектуална попреченост во Куманово живеат на маргините на општествениот живот. Сознанијата со кои располага Здружението „Порака Наша“ говорат дека ниту нивната бројност не е прецизно утврдена. Податоците од Центарот за социјална работа (ЦСР) во Куманово регистрираат околу 650 лица со интелектуална попреченост, со напомена дека ЦСР не ги регистрира лицата со лесна попреченост.

    Општо прифатените проценки за најмалку 1-3% од популацијата со интелектуална попреченост укажуваат дека овие бројки не се целосни, односно постои „темна бројка“ која е барем тројно повисока од официјалните податоци. Само во Здружението „Порака Наша“ се регистрирани 900 членови од трите кумановски општини, што потврдува дека голем број од лицата од оваа категорија не се никаде евидентирани. Оние пак, кои се евидентирани имаат на располагање многу скромни можности за партиципација во општествениот живот. Имено, во Куманово функционираат 2 дневни центри за лица до 18 год. (под „капата“ на ЦСР) и над 18 год. (менаџиран од НВО „Порака Наша“)  во кои се вклучени вкупно 46 лица со интелектуална попреченост. Во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Куманово се отворени посебни паралелки за околу 50 лица, воглавно со лесна попреченост; а во Куманово постои и граѓански организирано психолошко советувалиште за околу 30 лица од албанска националност. Покрај Меѓуопштинскиот ЦСР, во Општина Куманово има оформен Сектор за социјална заштита со изработена програма и акционен план за лицата со попреченост. Не постои Центар за рехабилитација (не сметајќи ја физкалната терапија), останатите форми на вонинституционалната заштита се неразвиени и; според проценките на Здружението „Порака Наша“ со лицата со интелектуална попреченост директно работат само десетина стручни лица.

    Едно теренско истражување кое го правевме за потребите и статусот на оваа категорија лица откри дека во овие тешки социо-економски услови за поголемиот број на македонски граѓани, лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства се наоѓаат во барем, двојно потешка положба.

    Заклучоците од теренското истражување го нотираа следново:

    Беше утврден низок социо-економски статус на семејствата на лицата со интелектуална попреченост, каде најчесто е вработен само еден родител (другиот е преокупиран со лицето со интелектуална попреченост) и во основа, на четири од пет семејства приходите им се недоволни за покривање на секојдневните трошоци. Во услови на висока стапка на невработеност во државата, низок степен на образование и ограничени работни способности на лицата со интелектуална попреченост, немањето можност за дообука, дополнително и со злоупотребите на работодавците при нивно вработување; шансите на лицата со интелектуална попреченост на пазарот на трудот во Регионот - се крајно лимитирани. Иако најголем број од лицата со интелектуална попреченост се здравствено осигурани, тие плаќаат за здравствените услуги, лековите итн., што дополнително го оптоварува семејниот буџет.

    Кај стручните лица (и родителите) постоеше дилема дали оваа категорија на ученици треба да биде вклучена во редовните или посебните паралелки на редовните училишта или пак, тие треба да се одвојат во посебни училишта. Притоа беше потенциран недоволно инклузивниот образовен процес („нема соодветен кадар, услови, прилагодени програми“)

    Воочено беше присуство на предрасудност во односот кон лицата со интелектуална попреченост во здравствените и социјалните институции, потоа во соседствата и во образовните институции, особено во поглед на нивните можности и способности.

    Оценките за ангажманот на властите (и државни и локални) од страна на родителите -беа доста ниски. Дневните центри и Центрите за рехабилитација, пак беа потенцирани како најпосакувани вонинституционални форми, иако постојат уште многу форми на подршка и заштита кои би можеле да се креираат.

    Дури и постојните услуги кои во моментов  им се нудат на лицата со интелектуална попреченост се ставени под знак прашање. Односно, и покрај сизифовските напори кои ги вложува РЦЛИП „Порака Наша“, здружението е соочено со нестабилна финансиска состојба, која го загрозува нормалното функционирање и на организацијата и на Дневниот Центар над кој е надвисната опасност од згаснување, со што лицата со интелектуална попреченост би останале без главната (би рекол и единствена) поткрепа.

    И за крај, се поставува прашањето што после смртта на родителите на овие лица? Институциите ќе им назначат старател, ќе им ја одземат деловната способност и тие ќе станат лица без право на глас. Веројатно затоа и не им се интересни на политичарите...

    Доц.д-р Марјан Младеновски Авторот е универзитетски професор (ПВПУ Евроколеџ и Универзитет Евро-Балкан) и истражувач

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*