1.Влеговме експресно без никаква подготовка во процесот на менување на сопственоста на претпријатијата. Како резултат на тоа имавме долготрајна, и во најголем дел сомнителна приватизација. Куманово е одличен пример за тоа во Македонија.Главниот изговор беше дека од нашиве европски пријатели имаме барање да ја смениме сопственоста во претпријатијата за да ја зголемиме продуктивноста, и тоа мораме да го направиме без оглед на цената. Тој изговор на тогашната политичка елита во државава им беше доволен во само неколку години од претпријатијата во Куманово да се истераат од работа преку 10000 луѓе, и од индустриски развиен град да се направи град на стечајни работници и социјалци. Надежта која ни беше сервирана гласеше: „Само да влеземе во ЕУ ќе се рестартираат претпријатијата и се ќе биде подобро“.
2.Имавме една од најбезбедни држави во светот, со добро осмислен систем на јавна безбедност, надвор од рутите и каналите за кријумчарење на дрога, оружје, луѓе и.т.н. Со реформирање на овој сектор за само една година, се укинаа позорникарските служби, никаде ја немаше полицијата и резултатот беше веќе видлив, дрога на секое ќоше во градот, разбојништво на секој чекор и неморал по улиците. За жал Куманово и тука е одличен пример за резултатите од реформа на јавната безбедност. И тука основниот изговор беше дека мораме да се реформираме така бараат нашите пријатели представници на западната демократија.
3.Имавме добро осмислен агро-индустриски сектор. Во најголем дел загарантиран пазар на земјоделските производи, загарантирани цени на истите и оформени преработувачки капацитети. И пак реформи, земјиштето се зема на задругите и комбинатите, и се даде на луѓе што немаат врска со земјоделство. Државата не ја интересираше пласманот на производите,а резултатот стана препознатлив, руиниран агро-индустриски сектор без нови невработени и слаб приход на земјоделците. И тука Куманово е во првите пет општини со најголеми последици од реформите. Секако изговорот беше оваа мораме да го направиме ако сакаме да влеземе во Европска унија.
4.Македонија беше и сеуше е со Устав дефинирана како социјална држава. И тука влеговме потполно неподготвени за реформирање на системот на социјалната заштита и тоа во време кога истиот беше притиснати од ненормално зголемување на бројот на невработени лица. Резултатот беше енормен број на социјално незгрижени лица со скоро никаква перспектива да се извлечат од состојбата во која се нашле тие граѓани. Секако Куманово и во овој сегмент се најде меѓу првите на листата.Не мора да повторувам дека промените што се случија и во овој сектор се последица на ставот дека тогашниот систем на социјална заштита не е компатибилен со нашите аспирации за членство во ЕУ.
5.Што се однесува до меѓуетничките односи, притисокот за нивно подобрување односно за зголемување на колективните права на народите кои живејат во Македонија беше и е докрај селективен. Со таква политика Македонија се доведе во состојба да го менува општеството во некаков уникатен пример на конзесуален систем на владеење меѓу две нации, каде правата на другите нации се само параван за подобрување на сликата. Ќе го наведам примерот на Куманово. Ние како политички представници на Србите во Куманово успејавме да направиме политички договор со сите партии кои партиципираат во Советот на Општината Куманово за усвојување на одлуката за употреба на српскиот јазик како службен во Куманово. За жал моравме да ја бојкотираме работата на Советот за да почне имплементацијата на одлуката на седниците на Советот, и само тоа се постигна. Изгледа актуелната локална власт нема никаква намера за практична имплементација на таа одлука во другите свери на општественото живеење. Тоа според мене е голем парадокс. Не само на Србите, туку и за Македонците како народ им е подребно развивање на општеството како мултиетничко, а не бинационално, бидејќи со тоа ке се намалат опасностите за разградување и делење на државата од една страна, а од друга ќе се исполната барањата за наш пристап кон ЕУ. Несакам да верувам дека и за ова однесување ќе бараме политики изговор во нашите аспирации за влез во евроатлантските структури.
По овие неколку сегменти кои ги наведов, многу логично е да се констатира дека за еден добар дел од политичката елита во Македонија, Европа никакогаш не е била визија како ни ја претставуваа, таа им е некаков вид на геополитичка нужност за наводно опстојување на државата, а во суштина алиби за неработење, продавање на ресурсите на државата и неодговорно владеење.
Мислам дека актуелната власт се обидува да стави крај на ваквото однесување на политичката елита. Само имплементација на вистинските европски вредности без некоја алиби политика во Македонија (зајакнување на институциите, финансиска дисциплина, вистинска борба против најразлични криминални дејствија, отворање на економски перпективи, зголемување на продуктивност во работата) може да ја внесе Македонија во Европа, а самите граѓани да почнат и реално да почувствуваат дека приближувањето кон Европската унија ќе им донесе бенифит и подобар живот. Граѓаните на Куманово, како најоштетени во процесот на транзиција на општеството треба да бидат најповеќе заинтересирани најпосле да почне тој процес на препознавање и имплеметирање на предходно пишаните вредности.
На самиот крај не би сакал да бидам препознаен како некаков евроскептик, или пак југоносталгичар, бидејќи јасна ми е зависноста, пред се економска на Македонија од Европската унија. Меѓутоа во време кога самата унија е заморена од своите проблеми измислува најразлични начини да го стопира проширувањето, и со својата политика на двојни стандарди на Балканот ни дава оганичени и контролирани перспективи за развој. Затоа преку своите сателитски невладини организации и граѓански здруженија секојдневно не труе како сме криминализирано општество, а од друга страна омилени соговорници на европските бирократи им се луѓе који се сомничат за монструозни дела против човештвото.Поради тоа единствена надеж сме самите ние, да ги препознаеме и прифатиме позитивните достигнувања на западната демократија и тогаш сигурен сум дека сами ќе сакаат и ќе бараат да бидеме дел од европското семејство.
Генерален секретар на ДПСМ
Горан Стојковиќ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*