Емоционална чувствителност, хроничен стрес и губење на контрола
Во последниве недели Куманово е сведок на силни емоции кои не(секогаш) се видливи на прв поглед – лутина, чувство на психолошка нерамнотежа и психолошки товар што тлее во срцата на многумина.
Луѓето кои се вратија од далечни и ризични земји, носејќи тежок багаж од минатото се соочуваат со ситуации што ја креваат тензијата и создаваат чувство на стрес и бес.
На прв поглед, овие ситуации може да изгледаат формални или технички – обврски, документи, процедури. Но психологијата покажува дека чувството на неправеден третман има многу подлабоки последици од видливите обврски. Истражувања на American Psychological Association покажуваат дека кога луѓето се чувствуваат несправедливо третирани, нивото на стрес расте драматично, а хроничниот стрес влијае на спиењето, расположението и способноста за рационално размислување.
За оние кои носат искуства што многумина не можат да ги разберат, овие ситуации се уште потешки. Кога важни аспекти од животот се надвор од контрола, луѓето доживуваат зголемена анксиозност, фрустрација и бес. Во психологијата ова се нарекува ефект на контрола – чувство дека не можеме да влијаеме на нешто што директно нè засега.
Постојат и психолошки феномени како injustice sensitivity – висока емоционална чувствителност кон неправеден третман. Луѓето кои се изложени на ова чувство често реагираат со постојан стрес, раздразливост и чувство дека светот е „нерамномерен“. Во вакви моменти, тоа не е само формална ситуација – тоа е повреда на психолошката рамнотежа.
Како заедница, лесно е да се гледа на сето ова како на технички проблем. Но кога се става во човечки контекст, реакциите се сосема разумни. Лутина, фрустрација и чувство на неправеден третман не се ништо помалку од повик за разбирање и поддршка.
Во психологијата се препорачуваат стратегии за справување со ваков стрес:
• Групна поддршка – споделувањето на чувства и искуства со луѓе кои минале низ слично носи олеснување и чувство на разбирање.
• Ментални вежби за дистанцирање – длабоко дишење, медитација и свесно одвојување од ситуацијата ја намалуваат интензивноста на емоционалната реакција.
• Фокус на контролата над себе, а не над околностите – додека надворешните ситуации се надвор од нивната моќ, реакцијата и достојното однесување се нивни.
Ова не е само прашање на обврски или системски процедури. Ова е прашање на психолошко здравје, чувство на рамнотежа и достоинство. Кога една заедница се соочува со ситуации што создаваат дисбаланс, последиците се мерат не само во формални обврски, туку и во анксиозност, бес и емоционална истоштеност.
Кога гледаме на луѓето кои се борат и реагираат, не гледаме само формални ситуации.Гледаме човечки судбини – срца полни со лутина, носејќи стрес и чувство на нерамнотежа.
Секој чекор е повик за разбирање, секој глас е молба за почит. Ако сакаме да создадеме заедница во која луѓето се чувствуваат сигурно и поддржано, мораме да ги слушнеме, да ги разбереме и да им дадеме простор да се „лекуваат” – затоа што нерамнотежата не е само надворешен проблем, таа тежи во душата.
Автор: Јелена Цветковска, м-р по психолошки науки