Мени

„Кокино – Тврдина на Сонцето“, музички фестивал на 12 септември

01.09.2026 13:04 | KumanovoNews

На локалитетот „Кокино“ на 12 септември ќе се одржи музичкиот фестивал „Кокино – Тврдина на Сонцето“, кој го организира НУ Музеј Куманово.

„Кокино – Тврдина на Сонцето“, музички фестивал на 12 септември

Фестивалот е дел од програмата посветена за одбележување на 25 години од откривањето на Кокино.

„Целта ни е преку современата музика и култура да им се овозможи на посетителите на еден посебен начин да го доживеат и комуницираат со овој исклучителен локалитет. Спојот на музиката, природниот пејзаж и археолошкото наследство треба да го претстави Кокино не само како сведоштво за минатото, туку и како жив простор за современа култура и средба со новата публика“, велат организаторите од Кумановскиот музеј.

Во уникатниот природен и археолошки амбиент на Кокино, публиката ќе има можност да ги проследи настапите на Funk Shui, Дина Јашари, Галоски, Next to Silence и Марија Димковска, уметници кои носат различни изрази од современата музичка сцена.

„Заради полесен пристап и заштита на просторот на локалитетот, за посетителите ќе биде обезбеден паркинг во дворот на училишната зграда во с. Кокино. Оттаму до местото каде ќе се одржи фестивалот ќе биде обезбеден организиран превоз со комби-возила за публиката. Ги покануваме посетителите да пристигнат навреме и да ги следат насоките на организаторите на терен“, апелираат од Музеј Куманово.

Фестивалот ќе започне во 18 часот, а влезот е слободен.