Крива Паланка по третпат ја организира „Сусурига“ за Прочка
Во пресрет на празникот Прочка, на 21 февруари во Крива Паланка ќе се одржи третото издание на манифестацијата „Сусурига 2026“, со која се негува и промовира автентичниот локален обичај на маскирање и палење оган.
Настанот има за цел да ја оживее вековната традиција поврзана со празникот на прошката, симболиката на обновувањето и заедништвото, како и да придонесе кон зачувување на нематеријалното културно наследство.
Програмата започнува во 12 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, по што во 12:30 часот на Градскиот плоштад ќе следува централниот настан. Пред публиката ќе продефилираат маскирани и обредни групи од земјата и регионот: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8 Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се Општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“.
Со „Сусурига“ градот ја продолжува традицијата на одбележување на Прочка, обединувајќи ги граѓаните околу обичаите што со векови се пренесуваат од генерација на генерација.