Мени

Љубовта во модерно време

29.03.2026 09:44 | KumanovoNews

Љубов во модерно време преку психологијата на приврзаност како скриен архитект на романтичните врските.

Љубовта во модерно време

Да расчистиме нешто веднаш. Не, немаш „лоша среќа во љубовта“. И не, „денешните луѓе“ не се проблемот. Проблемот е многу понепријатен. Тоа е самиот начин на кој психолошки функционираш во состојба на блискост.

Апликации, допишувања, „situationships“, исчезнувања без објаснување и се некако премногу дозволено, се премногу нормализирано. Ако нешто стане потешко, не го решаваме, веднаш го заменуваме. Живееме во време на емоционален комфор. Сакаме внимание без обврска. Блискост без ризик. Однос без одговорност. И тоа го нарекуваме „модерна љубов“.

Современата љубов не пропаѓа поради недостаток на опции. Пропаѓа поради емоционална неписменост маскирана како самодоверба. Секогаш постои некој нов. Некој подобар. Некој полесен. Или барем така си мислиме.

Луѓето денес зборуваат за „граници“, „токсичност“ и „self-love“, но ретко знаат да препознаат кога самите бегаат од интимност. Вистината е понепријатна, не бегаме од лоши партнери. Ние бегаме од непријатноста што ја носи вистинската интимност.

Љубовта не е проблемот. Огледалото е. Кога некој навистина ќе ни се приближи, кога ќе почне да нè гледа без филтри тогаш станува опасно. Тогаш излегуваат несигурностите, стравовите, старите рани. И наместо да останеме, да се соочиме, да пораснеме, ние се повлекуваме со едноставен изговор дека „не е тоа тоа“. Но колку пати „не е тоа тоа“ всушност значи: „Не сум подготвен да бидам вистински присутен“?

Сакаме страст без хаос. Сакаме сигурност без досада. Сакаме партнер што ќе нè разбере, но без да мораме да се објасниме. Сакаме љубов, но под наши услови. И токму затоа ја губиме.

И тука доаѓа најважниот психолошки концепт наречен стилови на приврзаност. Модел кој несвесно го носиш во секоја врска.

Ако постојано се вљубуваш во недостапни луѓе. Тоа не е случајност. Ако губиш интерес кога некој ќе ти се приближи. Тоа не е „хемија која исчезнала“. Ако се плашиш дека ќе бидеш напуштен/а и затоа стануваш премногу зависен/на тоа не е љубов.Тоа е научен образец.

1. Сигурен стил. Тоа е многу редок, но здрав стил

Луѓето со сигурен стил знаат да бидат блиски без да се изгубат себе си. Не се плашат од интимност, но не зависат од неа.Тие не играат игри. Комуницираат јасно. Не драматизираат дистанца, ниту бегаат од близина. Звучи едноставно и за многумина ова дури изгледа „премногу мирно“ за да биде возбудливо.

2. Анксиозен стил, љубов како страв од губење

Ова се луѓе што сакаат силно но од друга страна и се плашат уште посилно. Постојано анализираат:
„Зошто не ми врати на пораката?“
„Дали ќе ме остави?“

Тие не бараат само љубов туку бараат и потврда дека нема да бидат напуштени. И токму тој притисок често ја оттурнува другата личност.

3. Избегнувачки стил означува бегство од блискост

Овде е најголемата илузија на модерната љубов. Овие луѓе изгледаат независни, стабилни, „ладни“. Но тие всушност не се без потреба за љубов, туку се плашат од неа.

Кога некој ќе им се приближи:
• губат интерес
• стануваат дистанцирани
• бараат мани
• или едноставно исчезнуваат

Не затоа што партнерот не е доволен ,туку затоа што блискоста активира страв што не
знаат да го обработат.

4. Анксиозно-избегнувачки (дезорганизиран) стил. Тоа е хаос што изгледа како страст

Ова е најинтензивниот и најтоксичен образец. Истата личност истовремено сака и бега. Те приближува, па оттурнува. Создава емоционален ролеркостер што често се меша со „силна хемија“. Но тоа не е љубов. Тоа е нерешена траума што се повторува.

Зошто постојано завршуваш во исти приказни?

Проблемот е што мозокот го избира она што ти е познато, не она што е здраво.

Затоа токсичните врски често изгледаат „интензивни“. Затоа мирните врски изгледаат „досадни“. Не затоа што љубовта е досадна , туку затоа што твојот нервен систем е навикнат на хаос. И ова е моментот што никој не сака да го слушне.

Ти не ја уништуваш љубовта затоа што не можеш да ја најдеш.
Ти ја уништуваш затоа што не знаеш да ја задржиш кога ќе се појави.

Затоа што љубовта бара нешто што модерниот човек очајно го избегнува. Тоа е емоционална одговорност. Тоа значи:

• да не бегаш кога ќе ти стане непријатно
• да не обвинуваш кога се активира твојот страв
• да не очекуваш партнерот да ги лекува твоите трауми

Звучи едноставно. Во пракса речиси никој не го применува. Наместо тоа, ја користиме модерната култура како изговор.

„Има премногу избор.“
„Луѓето се површни.“
„Никој не сака сериозно.“

Не. Луѓето не сакаат работа на себе. Затоа што тоа бара да се соочиш со фактот дека проблемот не е во тоа кого го избираш. Проблемот е зошто токму него го избираш.

Психолошката вистина е сурова, но ослободувачка: Љубовта што ја доживуваш е рефлексија на внатрешната состојба што ја носиш. Ако не ја промениш таа состојба, ќе ги менуваш луѓето, но ќе ја повторуваш истата приказна.

Љубовта не е прашање на среќа. Таа е прашање на психолошка зрелост. Се додека не научиш да го регулираш сопствениот страв, несигурност и моделот на приврзаност нема да имаш „погрешни партнери“.

Ќе имаш исти партнери, во различни тела.

(Јелена Цветковска, м-р по психолошки науки)