Одделот за физикална терапија ќе се премести во модуларната болница и ќе работи во две смени
Модуларната болница во Куманово, која се користеше за лекување на пациенти заболени од корона, ќе се пренамени за потребите на Одделот за физикална терапија при Општата болница Куманово.
Директорот Сашо Стошевски вели дека веќе е поднесено барање до Министерството за здравство и се чека добивање употребна дозвола, по што ќе започне преселбата и објектот ќе биде ставен во функција.
„Како што видовме, условите во ковид-болницата се одлични. Тука ќе биде преместен Одделот за физикална терапија. Планот е да работи во две смени, со што ќе ја намалиме листата на чекање на пациентите за физикалните услуги“, изјави Стошевски.
Тој посочи дека во оваа подготвителна фаза техничката служба треба да изврши увид и да утврди дали се исполнети потребните противпожарни и безбедносни услови за работа.
Одделот за физикална терапија и претходно работеше на истата локација, но во стара монтажна барака, па по преселувањето на хируршкото одделение во Ургентниот центар, одделот за физикална терапија беше преместен во зградата во која се сместени специјалистичките амбуланти. Сепак, просторот е мал и недоволен за сите активности што ги опфаќа физикалната терапија и прима мал број на пациенти, поради што има долги листи на чекање.
Модуларните болници беа поставени во повеќе градови во државата како поддршка на одделенијата, кои немаа капацитет да ги примат сите пациенти заболени од ковид-19. Куманово беше еден од градовите во кои бројот на заболени беше особено голем.