Општинскиот штаб бара од Владата бесплатни маски за граѓаните
Општински штаб за заштита и спасување на Куманово, побара од Владата да обезбедеи бесплатни заштитни маски за граѓаните, откако донесе одлука за нивно задолжително носење од среда.
Владата завчера одлучи жителите на Куманово, Прилеп и Тетово од среда да не смеат да излезат од дома без да носат маска, како мерка за спречување на понатамошно внесување и ширење на коронавирусот.
- Бараме од Влада на Република Северна Македонија, да обезбеди одредена количина на заштитни маски кои бесплатно ќе се достават до граѓаните на Општина Куманово, согласно донесените мерки за нивно задолжително носење, - соопштуваат од Штабот.
На состанокот исто така е донесена одлука да се побара од Владата да обезбеди опрема со мегафони за известување кои ќе се користат за спроведување на најновите мерки, како и да се регулира начинот на доставување на негативните и позитивните резултати од тестирањето на корона вирус до граѓаните.
Од штабот апелираат до граѓаните на Општина Куманово да се придржуваат согласно мерките и препораките на Министерство за здравство и Владата и да се однесуваат одговорно.
Состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување се одржа по пат на конференциска врска и од тами напоменуваат дека останува на сите досегашни барања, препораки и сугестии упатени до Владата на РСМ и сите други државни институции и комисии.
Во Куманово денеска се регистрирани нови 9 случаи, а потврдени се вкупно 338 случаи, најмногу по број на жители во државата.

