Мени

Судски совет ја прифати претставката против претседателката на Kумановскиот суд

08.10.2026 13:45 | KumanovoNews

Со 8 гласа за и два против, Судскиот совет, ја прифати претставката на судската администрација против претседателката на Основниот суд во Куманово Снежана Манев.

Судски совет ја прифати претставката против претседателката на Kумановскиот суд

Во Судскиот совет беше кажано дека недоразбирањата во судот траат подолго време и треба да се најде решение за да се надмине ваквата состојба. 

Формирана е работна група која ќе ги провери укажувањата на вработените, а ќе се постапува и по претставката која денеска беше изгласана од мнозинството членови на судски совет. 

Од вкупно 90 вработени во судската администрација, 75 ја потпишале претставката против претседателката. Тие протестираа пред судот за да го изразат своето незадоволство од атмосферата и условите во кои работат.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) обвини дека претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, подолго време упатувала навреди на лична и национална основа кон вработените во судската администрација и им врши мобинг.  

„Ја повикувам претседателката веднаш да престане со психичко малтретирање на вработените и да поднесе оставка. Го повикувам Судскиот совет сериозно да си ја сфати работата и да ги испита сите наводи од поднесената претставка. Да ги заштити вработените од влијанието на претседателката и да започне постапка за разрешување согласно со законите за судовите.“, изјави  Трпе Деаноски, претседател на синдикатот.

Претседателката Манев, ги отфрли обвинувањата и кажа дека организатори на протестот се тројца вработени кои биле казнети за несовесно извршување на работните задачи.

„Јас раководам со судот во целина и имам обврска истиот да функционира, пред сè, за добро и во корист на граѓаните. Сите вработени во судот мора да бидат целосно посветени и максимално ангажирани при извршувањето на своите работни задачи. Јас, како судија и претседател на судот, не прифаќам ништо помалку, ниту правам компромиси, точка“, стои на крајот од соопштението на претседателката.

Таа дополнително наведе дека дел од вработените, поддржани од судскиот администратор, ги одбивале дадените работни задачи.