Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Силниот ветар кој почна да дува по полноќ бутнал повеќе дрвjа и бандери во Куманово.
Пожарникарите од кумановската единица имале повеќе интервенции на отстранување на последиците од невремето.
„Повиците почнале некаде по 2 часот, во раните утрински часови и тогаш на терен излегле 4 противпожарни екипи, секоја со по едно возило и 3 пожарникари. На „Октомвриска револуција“ работеле на отстранување на повеќе паднати дрвја и бандери од коловозите. Кај месноста „Ореов лад“ повикале и асистенција на екипи на ЕВН, поради искрење на кабли. Во моментов немаме детален извештај за оштетување на возила или објекти, како последица на невремето“, истакна Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово.
Освен на булеварот, пожарникарите работеле и на улицата „Бранко Богдански- Гуцман“, а во населбата Карпош е интервенирано на улицата 120, број 173 од истите причини.
Во утринските часови една екипа била испратена на месноста викана Ливади, на магистралниот пат Куманово- Крива Паланка за помош при извлекување на повредени лица од директен судир на два автомобили. Едно лице е потешко повредено и неговото извлекување одело тешко, додека три други лица се брзо и лесно солободени од возилата.
На отстранување на паднато дрво работела и екипа на ТППЕ Старо Нагоричане, со едно возило и двајца пожарникари.
Според информациите на УХМР, кумановскиот регион бил зафатен од силни ветрови кои биле со јачина од 60 километри на час.
„Според мерните станици во Крива Паланка ветровите биле од јужен правец, со брзина од 60 километри на час, но немала голема количини на врнежи- 8 литри на метар квадратен. Темепратурата биле еден степен над нулата, а вакви силни налети на ветер во Североисточниот регион може да очекува и во текот на денешниот ден. Веќе од утре, петок ќе се смени правецот на ветровите, ќе започне да дува ветер од северен правец кој значително ќе ги намали амбиенталните температури. Се предвидуваат врнежи од дожд, кои на повисоките места ќе преминуваат во снег“, информира Јулијана Фиданоска, дежурен синоптичар.
Од утринските часови на расчистување на последиците од невремето работат и екипи на ЈП „Чистота и зеленило“.