„Смрт на погребот“ – премиера на Кумановскиот театар ќе ги отвори „Денови на комедија“
Претставата „Смрт на погребот“, во режија на Ненад Витанов, премиерно ќе биде прикажана во среда, на отворањето на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2026“ во Куманово.
Режисерот Витанов на денешната прес-конференција кажа дека станува збор за црна романтична комедија, која, како што вели, е исклучително смешна и ќе ја насмее публиката и ќе ја испрати дома расположена и весела.
„Се работи за еден момент кој е составен дел од животот, а тоа е погребот. На погребот некогаш се случуваат работи кои не се во согласност со атмосферата, најблаго кажано. Сите ние некогаш сме биле сведоци на некоја комична ситуација во најтрагичниот момент. Тоа го прави животот, нè тера понатаму да живееме и да му се радуваме. Се работи за многу жива претстава, со многу актери на сцената, со многу смеење и забава“, изјави Витанов.
Во претставата играат Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Трајковиќ, Никица Јанковски и Мирослав Петковиќ.
„Многу ликови кои се појавуваат одненадеж. Најбитно е дека е комедија на ситуации, а не толку од самите ликови како карактери. Имавме одлична соработка со режисерот и екипата за да направиме еден севкупен проект. Дојдете да видите какви незгодни ситуации се случуваат, па по самиот погреб добивате мала венчавка. Ќе биде весело“, кажа актерот Јовановиќ.
Драматург на претставата е Сашо Костовски, костимографијата е на Елена Вангелова, а сценографијата на Крсто Богојевски.
Директорката на Центарот за култура, Јоана Серафимовска, кажа дека оваа година за првпат фестивалот ќе го отвори Кумановскиот театар со премиерата „Смрт на погребот“, а ќе го затвори претставата „Не можам да платам, не сакам да платам“, исто така во изведба на домаќините.
Оваа година на „Денови на комедија“ ќе се натпреваруваат 10 претстави од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија, како и од домашните театри – Театар Комедија, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Штипскиот и Битолскиот театар.
На програмата се и претставите „39 степеника“ на Народното позориште од Источно Сараево, „Болва во уво“ на Драмскиот театар од Скопје, „Покондирена тиква“ на Народното позориште од Приштина, „Кљукана династија“ на Народното позориште од Ниш, „Кревет за двајца“ на Сатиричниот театар од Софија, „Сладолед за жени“ на Штипскиот театар, „Првиот господин“ на Албанскиот театар од Скопје, „Аматери“ на Театар Комедија и „Секстет“ на Битолскиот театар.
Сите претстави ќе се играат на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, со почеток во 20 часот.