Во Куманово запишани 898 првачиња, 400 помалку од бројот на деца родени во 2020
Во шеснаесет општински основни училишта во Куманово денеска на училиште тргнаа 898 првачиња, шест помалку од лани.
Но, според списоците на МВР во училишните клупи во прво одделение требаше да седнат 1.300 ученици или за 400 повеќе од моментално запишаните. Станува збор за деца родени во 2020 година во Куманово и Скопје.
Основното училиште „Браќа Миладиновци“ е со најголем број на запишани првачиња 120, додека во подрачното училиште „11 Октомври“ во село Речица не е запишано ниту едно прваче. Лани биле запишани вкупно 904 ученици во прво одделение.
На првиот училишен ден во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ присуствуваше градоначалникот Максим Димитриевски.
„Сакам прво на првачињата да им посакам успешно запишување на училиште, а на нивните семејства да бидат горди на своите деца. Ние како Oпштина како и досега ќе се обидеме да ги подобриме условите во кои учат нашите деца“, кажа Димитриевски.

Тој додаде, дека бројката на запишани ученици во основни и средни училишта не е конечна, бидејќи уписите ќе траат и во текот на септември за семејствата кои ќе вратат од странство и за учениците ќе кои мигрираат од едно во друго училиште.
Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование, вели дека и оваа година притисокот за упис во прво оддление имало за училиштата во центалното градско подрачје, додека во руралните средини помалку, па во некои училишта ќе има и комбинирани паралелки.
„Општина Куманово не е исклучок од трендот на намалување на бројот на првоодделенци кој се случува на ниво на државата, а најголема причина за тоа е интензивното иселување на семејства со мали деца. Меѓутоа искуството покажува дека ќе ни дојдат дополнително деца на семејства кои сега се на сезонска работа. Конечната бројка ќе ја имаме на крајот на септември“, изјави Јовановиќ.

Во средните училишта во прва година се запишале 1.068 ученици или 60 ученици повеќе од минатата година.
Вкупниот број на ученици во основните и средни училишта кои тргнаа на училиште во Куманово се 12. 988 ученици или 68 ученици повеќе од лани.
Во Куманово со оптимизацијата во училиштата ќе биде намален бројот на паралеки, но нема затворање на училишта и отпуштање на наставниот кадар, велат надлежните.