Жителите на „Панче Пешев“ бараат средба со надлежните пред воведување на Б-зоната, во спротивно најавуваат протест
Урбаната заедница „Панче Пешев“ бара итна средба, најдоцна до 18 часот, со директорот на ЈП „Куманово-паркинг“, претседателката на Советот и градоначалникот на Куманово, во спротивно, најавува протест поради информацијата дека вечерва ќе започне исцртувањето на нови паркинг-места на локалитетот „Водовод“ заради воведување на Б-зоната.
Во соопштението до медиумите се наведува дека ЈП „Куманово-паркинг“ ги известило жителите од околните згради дека вечерва, од 22 часот, ќе започне со обележување на нови паркинг-места, без претходна средба со претставниците на месната заедница, кои повеќепати барале разговор со надлежните.
Од месната заедница посочуваат дека наместо средба, на влезовите биле залепени известувања дека ќе започне исцртувањето на паркинг-местата и станарите треба да ги отстранат паркираните автомобили.
„Пред да се исцртаат линиите и да започне наплатата, надлежните мора да дојдат, да ги слушнат жителите и јавно да објаснат што планираат, врз основа на која одлука и како ќе се заштитат потребите на луѓето што живеат таму. Доколку до 18 часот никој од повиканите не се одважи да се сретне со граѓаните, жителите вечерва ќе го блокираат обележувањето на паркинг-местата. Куманово не е приватен паркинг, а граѓаните не се пречка што треба да се отстрани по „инструкции“. Прво разговор со народот – па потоа цртајте линии“, стои во соопштението.
Претставници на месната заедница со кои разговаравме велат дека не се против воведување на Б-зоната и ставање на ред во сообраќајниот хаос во овој дел на градот, но сметаат дека прво треба точно да се знае што содржи одлуката.
„Градоначалникот пред изборите вети бесплатен паркинг за станарите, а сега се пласираат информации дека секој мора да плаќа. Додека не добиеме прецизна информација како ќе функционира Б-зоната, нема да попуштиме пред нашата намера. Ја имаме поддршката на сограѓаните“, вели нашиот соговорник.
И пред неколку години имаше обид да се воведе Б-зона за паркирање во „Панче Пешев“, но жителите се спротивставија. Тие сметаат дека е селективна наплатата на паркин, бидејќи во одредени делови од градот се уште не функционира ниту А-зоната, па наместо да се градат најавените катни гаражи, се узурпираат улиците, кои и онака се тесни, со што дополнително се создаваат тесни грла во сообраќајот.