Мени

„Аман“ по трет пат протестираше

04.09.2012 13:25 | KumanovoNews

 Членовите на граѓанската иницијатива “Аман“ денеска во 14 часот се собраа на Градскиот плоштад и се упатија до седиштето на ЕВН да го искажат револтот од бранот поскапувања што ја зафати државата.

„Аман“ по трет пат протестираше

Наместо во попладневните часови, како што беше на предходните два протести, сега терминот е сменет со цел граѓаните лично да ги достават во просториите на ЕВН додека трае работното време. Од “Аман“ повикуваат на што поголема масовност, бидејќи мала група на граѓани не може да издејствува прифаќање на барањата.

Оваа иницјатива е за општо добро на сите нас. “Аман“ е граѓанска иницијатива која има за цел да го обедини народот во борба за подостоен живот и социјална правда без разлика на политичка, верска или било каква друга определба. Зарем не сме сите засегнати од овие поскапувања? Оваа иницијатива има за цел да обединува, затоа ќе се држиме понастрана од се што може да креира раздор - рече Александра Ристовска, член на “Аман“.

Граѓаните сметаат дека Регулаторната комисија е корумпирана. За нив е неприфатливо цените на горивата по три пати во месецот да се зголемуваат. Апелираат граѓани од сите социјални слоеви да се приклучат на протестите.

 Им благодарам на сите присутни граѓани што ги почитувате овие млади луѓе, што ова го организираат. Ова не е само за нискиот слој на граѓани, ова е за сите граѓани на ова општество, на цела Македонија. Седат по кафиќи и не сакаат да дојдат. Нека се срамат сите. На телевизија кажуваат дека плаќаме најевтина струја и гориво во Европа. Не е точно. Нека кажат дека земаме десет пати помали плати. Овие луѓе се без примања, живеат од воздух. Ние сме во Европа ама никој нема да не прими ако водиме ваква политика - изјави револтиран граѓанин.

Меѓу револтираните граѓани најбројни се стечајците.