Мени

СОУ „Перо Наков“ нуди образование по мерка на современиот пазар на трудот

04.06.2026 12:28 | KumanovoNews

Стекнување практични знаења, стипендии за учениците и брзо вработување по матурирањето се само дел од можностите што ги нуди Средното стручно училиште „Перо Наков“ во Куманово.

СОУ „Перо Наков“ нуди образование по мерка на современиот пазар на трудот

Во учебната 2026/2027 година, во прва година има место за вкупно 350 ученици распределени во 14 паралелки, од кои 175 ученици во седум паралелки на македонски наставен јазик и 175 ученици во седум паралелки на албански наставен јазик. Идните средношколци можат да се запишат во економско-правната и трговската струка, текстилно-кожарската струка, уметничкото образование – ликовна уметност и дизајн, како и во Спортската академија за кошарка.

Директорката на училиштето, Мила Жибак-Димковска, вели дека очекува годинава да биде надминат минатогодишниот број на запишани ученици.

„Очекувам оваа година да имаме повеќе ученици од лани. Најголем интерес има за насоките Трговија и дигитален маркетинг, а потоа за Графички дизајн. Оваа година за овие насоки имаме по две паралелки и се надевам дека ќе одговориме на интересот на сите заинтересирани ученици. Ги повикувам деветтоодделенците да се запишат во нашето училиште, бидејќи нудиме атрактивни образовни профили и програми преку кои ќе стекнат квалификации што се барани на пазарот на трудот, но и знаења што ќе им овозможат успешно да го продолжат своето образование на факултет“, изјави директорката Жибак-Димковска.

Најголем дел од паралелките се дуални, проект што успешно се спроведува во училиштето во последните шест години. На овој начин се создаваат конкурентни кадри за пазарот на трудот, а учениците стекнуваат и практични вештини за самостојно започнување занаетчиска или друга дејност.

Училиштето неодамна организираше Отворен ден, кој привлече голем број посетители. Учениците кои веќе се дел од „Перо Наков“ велат дека се задоволни од наставата и практичната обука, а многумина од нив веќе имаат јасна визија за својата професионална иднина.

ССУ „Перо Наков“ се позиционира како една од најпривлечните опции за основците кои годинава ќе го избираат своето средно образование.

Првото пријавување на учениците ќе се реализира на 12 јуни по електронски пат, додека доставувањето на документите во училиштето е предвидено за 16 и 17 јуни. Конечните резултати ќе бидат објавени на 18 јуни.

Вториот уписен рок е на 24 јуни, а резултатите ќе бидат објавени на 25 јуни.