Мени

Арамии ги сардисаа селските куќи

13.03.2012 16:09 | KumanovoNews

Жителите на куманoвските села, се жалат дека во последно време многу се краде по селските куќи и викендички. Разбојнички групи оперираат во испразнетите села и крадат се што ќе им дојде до рака.

Арамии ги сардисаа селските куќи

Првенствено се одземаат метални и бакарни предмети, казани, котли и земјоделски алати, а се почесто и ракија, жито и прехрамбени производи. Жителите на селата се немоќни сами да се справат со крадците и бараат помош од полицијата.

Ми украдоа буре со 30 кила ракија, голем котел и стаклен балон. Насилно ја отвориле вратата на визбата и ги земале овие три работи, како да знаеле каде стојат. Кога отидов да пријавам во полиција ми рекоа да поднесам писмена пријава до архивата на СВР Куманово, па можеби службите ќе излезат на терен. Не беа уверливи дека многу се заинтерисирани за случајот, како и за сите останати што ги пријавувале моите соселани. Нема спас од арамиите живи ќе не украдат, а нема кој да им застане на патот - тврди жител на Табановце, на кој неодамна во куќата му влегле крадци.

Тој вели дека добро поминал, бидејќи на негови сосед им се украдени многу повредни работи, а се сомнева дека тоа го прават луѓе од селото. И во останатите села Војник, Стрезовце, Страцин и другите села, претпоставуваат дека арамиите се луѓе од нивно опкружување, кои се во спрега со сопствениците на отпади. Тие ги штитат и ги откупуваат украдените работи, наместо да ги пријават.  Оштетените се жалат дека и полицијата не презема ништо да ги спречи крадците.

 Наспроти ова од СВР Куманово велат дека тие постапуваат по секоја пријава што ќе ја добијат, но во празните куќи во селата во и викенд куќите тешко се откриваат сторителите, бидејќи сопствениците со месеци не одат во нив и доцна пријавуваат, поради што не може да се утврди периодот кога е извршена кражбата и тешко се доаѓа до сигурни докази.