Ќе се бира селска и градска пивтија
Мултимедијалниот центар „Карпино„ со предавањето на кумството и варење на пивтиите денеска ја започна прославата на јубилејната, десетата „Пивтијада„.
Годинешнава кума Гордана Митревска-Беба, кумството за наредната година го предаде на генералот Киро Галазовски, командант на Здружената оперативна команда на АРМ.
Ова за мене е голем ден, не само за мене туку за целото мое семејество. Ние ги почитуваме обичите и држиме до нив. Подготвувањето на пивтиите е една голема традиција во кои граѓаните на Куманово вложуваат многу енергија и затоа пивтиите ги прават луѓето весели и поздрави.На граѓаните им посакувам оваа година да им биде здрава, да имаат ксмет и берикет, и секогаш да бидат со добра мисла- изјави новиот кум Галазовски.
Годинава на „Пивтијада„ ќе се натпреваруваат 10 учесници од урбани и рурални средини. Стручно жири ќе го оценува квалитетот, вкусот и изгледот на пивтиите, а за најуспешните следат награди.
Куманово станува препознатливо и по специјалитетот пивтија, кои ги подготвува на специфичен и оргинален начин. Ние пред 10 години почнавме со оваа манифестација и секоја година сме поуспешни. Оваа година Пивтијадата се одржува под мотото „Дали е поубава урбана или рурална пивтија„?- вели организаторот Зоран Павловски.
На гостите им беше поделено посно-гравче и грејана ракија , а прославата беше збогатена со музика и културно-уметничка програма.