Ќе заживеат ли земјоделските задруги?
Владата планира да ги врати земјоделските задруги. Законот ќе се донесе најверојатно до крајот на годинава, а првите сувбенции за задругите ќе следуваат во 2013 година.
Преку задругите државата сака да придонесе за окрупнување на производството и за поконкурентно овошје, зеленчук, житарици. На почеток државата целосно ќе го покрива осигурувањето на земјоделскиот имот, а со текот на годините ќе плаќа 40 отсто од сумата.
- Тоа е старо нов начин на работа. Можат да се здружат двајца - тројца земјоделци и да работат заедно. Со тоа ќе бидат поорганизирани, навреме ќе изораат, сејат, ќе работат поголеми површини. И порано имаше задруги зад кои стоеше државата, а не приватни лица. Ако се знаат луѓето, ако се од исто село можат да се здружат - вели Живка Наумова, раководител на Регионален центар на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството.
Земјоделците се скептични дека задругите ќе успеат. Тие објаснуваат дека во ова време фармерите не можат сами да успеат, а не да работат со партнер.
- Ќе биде многу тешко. Многу луѓе се разочарани затоа што регистрирале фирми. Им доаѓа на крај да платат данок, да пријават приход, едноставно не се излегува на крај. Да знаеја дека вака ќе биде немаше да основаат сите фирми. Треба да се оддржи една работилница, да се види што, како, кои ќе бидат условите. Ако има регрес за нафта, за ѓубриво, добро би било. Многу луѓе знаат дека кога земаат средства од државата како помош, па потоа со камата треба тие пари да ги вратат и поучени од тие искуства нема да прифатат - смета фамерка од село Пчиња.
Земјоделците се категорични дека тимската работа многу тешко може да вроди со плод, посебно ако станува збор за задруги. Земјоделските задруги во земјава не функционираат повеќе од 20 години.