Чешкиот амбасадор во посета на ОУ “Браќа Миладиновци“
Мирослав Рамеш, чешки амбасадор во Македонија, го посети ОУ “Браќа Миладиновци“, за лично да им ги врачи наградите на двајцата ученици, кои на ликовен конкурс во неговата земја освоиле прво место.
Со леб и сол амбасадорот Рамеш беше пречекан во холот на училиштето. Тој на присутните им се обрати на македонски јазик и ги додели награди на учениците Милена Ластевска и Драгослав Бошковски. Амбасадорот кажа дека колонијата “Лидице„ се прави во чест на 80 деца убиени од германската војска.
- Дојдов да го видам и вашиот град. Изложбата е меѓународна и пристигнаа 26.000 дела од 67 земји од целиот свет. Многу ми е драго што оваа година четири деца се добитници, две од вашиот град и две од гимназија од Скопје - вели Рамеш.
Наградените ученици работеле во техника графика.
- Работевме графика во комбинирана техника. Сме учествувале на многу натпревари во и надвор од Европа. Оваа награда многу ми значи за моите понатамошни успеси - рече Драгослав Бошковски.
Пред присутните говореше и градоначалникот Зоран Дамјановски, кој нагласи дека градот има ликовна традиција и организира три ликовни колонии годишно. Тој додаде дека општината културно се развива и се надева дека овие млади ентузијасти ќе имаат многу успеси во иднина. Пред амбасадорот Дамјановски се пофали со наградата од Париз,за најбрз културен развој во Југоисточна Европа.