Мени

Дали кумановци ќе читаат на плажа?

19.07.2012 08:03 | KumanovoNews

Читањето е навика која треба да се негува од најрана возраст. Меѓу граѓаните кои ги анкетиравме наидовме и на такви кои имаат по неколку книги во фиоките на работа, што е за поздравување. Ги прашавме дали кога одат на одмор , практикуваат да читаат на плажа?

Дали кумановци ќе читаат на плажа?

Габриела Митевска, историчар на уметност

Последна прочитана книга ми е "11 жени" од Снежана Младеновска Анѓелков, која доби награда за најдобар роман. Оваа книга може да се прочита додека пиете кафе. Пишувана е на едноставен, убав, разбирлив стил. Ме привлече начинот на кој е опишан животот на писателката и дружењето со една жена. Авторката студирала за филм и сцените се кадровски опишани. Има делови од нејзиниот живот што ги опишува како штос. Читам и стручна литература. Ме воодушеви делото на Атанас Вражиновски во кое пишува за црквите и манастирите. Јас практикував да читам на плажа, а се надевам дека и летово ќе можам да го направам истото.

Иле Митковски, секретар во Црвен Крст Куманово

Читам кога имам време. Орвел ми е едeн од омилените писатели. "животинска фарма" е книга која ми остави впечаток, а ја читав пред неполна година. Односот на животните во заедницата е прикажан како вистинскиот начин на кој треба да се однесуваат луѓето. Сакам потешка литература, која има длабоки пораки. Класична белетристика не би ме заинтересирала. Читањето не треба да се врзува со години, но како млад многу повеќе читав. Важно е да се чита заради општа култура, наобразба, примање на информации. Кога имам пауза на работа би читал, а на одмор не, бидејќи сакам да се посветам на децата, сопругата.

Божана Трајковска, писател

Читам разновидна литература. И дома имам голем број книги од Струшките вечери на поезијата. Јас за роденден на луѓето им подарувам книги. При едно зајмување во библиотеката земам по три книги и за две недели ги враќам. Од февруари досега имам прочитано 17 книги. Ги сакам и странските и домашните автори. Читањето духовно не збогатува. Од обичен натпис може нешто да се научи. Јас сум за да се чита на одмор, но не на плажа, туку на трева и под сенка. Додека траат годишните одмори луѓето имаат слободно време и може да читаат. Сенката е добра за книга.

Милан Демировски, извршен директор на "Кам"

Кога имам време читам. Крими романи ме интересираат. Сакам книги кои се лесни за разбирање. Треба да се чита, бидејќи така многу се учи. Човек учи додека е жив. Преку читање се збогатува образованието на човекот. Сепак одморот сакам да биде порелаксиран и јас лично не читам на плажа.